Според Брисел, измените се спротивни на меѓународните обврски на Косово кон ЕУ
Косовскиот парламент во вторникот вечерта ги усвои измените на Законот за Специјализираните совети на Косово во Хаг, според кои се стеснува нивната надлежност, се намалуваат максималните казни и се воведува можност за помилување
Европската Унија изрази длабока загриженост откако косовскиот парламент ги усвои измените на Законот за Специјализираните совети во Хаг, кои, според Брисел, се спротивни на меѓународните обврски на Косово кон ЕУ.

„Апелираме Косово да ги почитува своите меѓународни обврски за гарантирање на судската независност на Специјализираните совети на Косово, како и својата посветеност да обезбеди одговорност и да им обезбеди правда на жртвите и нивните семејства од сите заедници во Косово“,
изјави портпаролот на ЕУ.
Тој додаде дека ЕУ ја поддржува работата на Специјализираните совети како независни судски институции и нагласи дека нивната независност мора целосно да се почитува. Специјализираните совети, порача портпаролот на ЕУ, ја спроведуваат правдата врз основа на принципот на индивидуална кривична одговорност.
Во врска со законските измени, загриженост изрази и германската амбасада во Косово.
„За да можат Специјализираните совети да ја исполнат својата мисија за обезбедување одговорност и правда за жртвите од сите заедници во Косово, нивната независност мора целосно да се почитува. Со длабока загриженост ги следиме измените на Законот за специјалните совети на Косово“,
изјави портпаролката на германската амбасада во Косово, Каталин Хајне.
Косовскиот парламент во вторникот вечерта ги усвои измените на Законот за Специјализираните совети на Косово во Хаг, според кои се стеснува нивната надлежност, се намалуваат максималните казни и се воведува можност за помилување. Законските измени беа предложени од Демократската партија на Косово, а беа усвоени откако поддршка даде партијата на премиерот Албин Курти, која, пак, за возврат доби поддршка за избор на новата претседателка на државата Јустина Широка-Пула.
