Според извештаите, членките на ЕУ би можеле да добијат шест месеци да ја намалат зависноста од руската нафта и осум месеци за сродни производи. Исто така, Унгарија и Словачка најверојатно ќе бидат исклучени од овој план поради нивната зависност од руската нафта
Се очекува ЕУ денеска да објави нов пакет санкции против Русија, како што беше претходно најавено, вклучително и план за потенцијално намалување на зависноста од руската нафта.
Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен наскоро треба да ги претстави деталите пред Европскиот парламент.
Најважен дел од новиот пакет се очекува да биде ембаргото во фази за увоз на руска нафта. Според извештаите, членките на ЕУ би можеле да добијат шест месеци да ја намалат зависноста од руската нафта и осум месеци за сродни производи. Исто така, Унгарија и Словачка најверојатно ќе бидат исклучени од овој план, поради нивната зависност од руската нафта.
Би-би-си оценува дека ова е голем чекор, имајќи предвид колку земјите членки зависат од руската нафта. Севкупно, ЕУ покрива 26 отсто од потребите за нафта со увоз од Русија.
Од почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари, Унијата ѝ плати на Русија повеќе од 47 милијарди евра за гас и нафта.
Германија посочи дека до крајот на годината ќе може да најде начин да се справи без руската нафта, додека другите членки на ЕУ се обидуваат да постигнат нешто слично.
Сепак, некои земји како Унгарија и Словачка се многу повеќе зависни од руската нафта. Унгарија особено силно се противи на енергетските санкции кон Русија.
Според табелата на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) за 2020 година, Германија увезла 42,6 милијарди кубни метри гас од Русија, Италија 29,2, Белорусија 18,8, Турција 16,2, Холандија 15,7, Унгарија 11,6, Казахстан 10,2, Полска 9,6 а Јапонија 8,8 милијарди кубни метри гас.