Од Европскиот центар за превенција и контрола на болести посочуваат дека треба да се прави разлика помеѓу трета доза и „засилувач“ кој би се давал на лица со ослабен имунитет и за што европскиот центар смета дека е препорачливо
Во моментов нема „итна потреба“ за дополнителна доза вакцина против ковид-19 кај општата популација, потврди Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).
Во техничката белешка објавена денеска, ЕЦДЦ препорачува дополнителна доза или „засилувач“ за луѓе со ослабен имунолошки систем, што е во согласност и со ставот на СЗО.
„Според досегашните сознанија, нема итна потреба да се даваат дополнителни дози на луѓе кои се целосно вакцинирани“,
се вели во соопштението на ЕЦДЦ, додавајќи дека „приоритет е да се вакцинираат оние кои не ја завршиле вакцинацијата“.
„Но, дополнителните дози за луѓе со сериозно ослабен имунолошки систем треба да се земат предвид како дел од нивната вакцинација доколку не постигнале доволно ниво на заштита“,
додава европската агенција со седиште во Стокхолм, во која членуваат30 земји, вклучително и 27 -те членки на ЕУ.
На 18 август, Светската здравствена организација (СЗО) го критикуваше брзањето на богатите земји за третата доза на вакцина против ковид, и нагласи дека научните податоци не укажуваат на негова потреба засега.
„Примената на третата доза сега би била како да им се дадат елеци за спасување на луѓето што веќе ги имаат, додека другите да се остават да се удават без ништо“,
рече директорот за итни случаи на СЗО, Мајк Рајан.
Во услови на масовно и брзо ширење на делта-сојот, неколку земји одлучија или размислуваат за дополнителни дози, најчесто за луѓе со кревко здравје, но и за целата популација.
„Сите вакцини одобрени во ЕУ штитат од хоспитализација и тешки форми на ковид-19, додека секое трето лице на возраст над 18 години се уште не е целосно вакцинирано“,
нагласуваат од ЕЦДЦ.