Коментарите на Калас доаѓаат по изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон. Тој беше жестоко критикуван затоа што сугерираше дека западните трупи би можеле да бидат испратени во Украина за да помогнат во одбивањето на руската закана
Естонската премиерка Каја Калас во интервју за Скај њуз изјави дека западните лидери не треба да се плашат да ѝ се спротивстават на Русија и дека не треба да се плашат од сопствената моќ. Калас, чија земја граничи со северозападна Русија, рече дека сè треба да се земе предвид кога станува збор за поддршката на Западот за Украина.
„Русија вели дека овој или оној чекор е ескалација, но одбраната не е ескалација. Јас велам дека треба да ги имаме сите опции на маса. Што друго можеме да направиме за да ѝ помогнеме на Украина да победи“,
праша Калас.
Коментарите на Калас доаѓаат по изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон. Тој беше жестоко критикуван затоа што сугерираше дека западните трупи би можеле да бидат испратени во Украина за да помогнат во одбивањето на руската закана. САД, Велика Британија и Германија соопштија дека нивните армии нема да им се придружат на вооружените сили на Украина на бојното поле.
„Путин сака да нè заплаши“
На прашањето дали е загрижена дека поради своите зборови може да стане мета на режимот на Владимир Путин, како рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, Калас одговори дека нема да биде вознемирена. Таа ги повика сојузниците да ги игнорираат провокациите на Москва.
„Путин сака да нè заплаши. Тој сака да ме исплаши мене или Естонија и да нè натера да се воздржиме од одлуки што инаку би ги донеле за да бидеме застапници за поддршка на Украина, за единство на Западот, сè што навистина ги нервира. Не треба да се плашиме бидејќи тоа е она што го сакаат. Треба да постапиме како што е правилно“,
рече Калас, која е премиерка на Естонија од 2021 година.
Естонија, балтичка држава и поранешна советска република, е во НАТО од 2004 година. Таа ѝ се приклучи на Алијансата заедно со Бугарија, Латвија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија. Ако Русија ја нападне Естонија, нејзините 30 партнери во НАТО ќе треба да застанат во нејзина одбрана.
„Агресорите или автократите можат да бидат испровоцирани од слабост“
Калас смета дека критиките на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за трошењето на средствата на НАТО се „фер критика“ и ги повика сите членки да го направат својот дел.
„Слабоста е она што ги провоцира агресорите или автократите. Така, вие одите во војна ако мислите дека можете да победите, само кога мислите дека сте посилни. Даваме сигнали дека ние во НАТО не правиме доволно за нашата одбрана и дека не ја сфаќаме сериозно, што може да го испровоцира агресорот да направи понатамошен чекор. Затоа се залагам за повеќе вложувања во НАТО, кои сочинуваат два отсто од нашиот БДП за одбрана“,
изјави естонската премиерка за Скај њуз.