Информацијата што ја објави спортскиот канал на својата веб страница е дека тоа би се случило во оние федерални американски држави каде состојбата со ковид – 19 не е критична. Таа засега не е потврдена од НБА
Некои кошаркарски спортски сали во НБА може да се отворат најрано следниот петок, пренесува спортскиот канал ЕСПН на својата веб страница, но тоа не значи и обнова на редовната сезона.
Националната кошаркарска асоцијација (НБА) беше првата американска спортска лига што реагираше со запирање на натпреварите поради ковид-19, на 11 март, по позитивниот тест на играчот на „Јута џез“, Руди Гобер.
Но, бидејќи сега неколку американски држави, особено Џорџија, започнаа со олабавување на мерките, тоа може да им овозможи на играчите да се вратат во салите на тренинзи.
Според оваа информација, тренинзите засега ќе бидат доброволни и индивидуални. Засега нема официјален коментар од НБА.
Но, и за време на карантинот дури и во местата каде беа воведени построги мерки, клубовите наоѓаа алтернативни начини за тренинзи на своите играчи.
Во НБА лигата останаа да се одиграат околу една четвртина од натпреварите до крајот на регуларната сезона. Плеј-офот требаше да започне минатата недела, а да заврши на средината на јуни.