Набавката на гас во ЕСМ е спроведена согласно постапките, процедурите што се пропишани со закон. Беа доставени две понуди и беше избрана поевтината цена на гас за набавка за јануари, вели премиерот
Набавката на природен гас во ЕСМ за јануари е спроведена согласно постапките и процедурите пропишани со закон. Од двете доставени понуди беше избрана поевтината цена на гас за јануари. Таа постапка повторно ќе биде спроведена за февруари и сите компании што имаат обезбедено гас и можат да го продадат за снабдување на ЕСМ тоа можат и да го направат, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Пекабеско“ за тоа дали некој ќе сноси одговорност што е склучен договор со фиксна цена за јануари, а цената на природниот гас паѓа.
„ Што се однесува до набавката на гас во ЕСМ таа е спроведена согласно постапките, процедурите кои се пропишани со закон. Беа доставени две понуди и беше избрана поевтината цена на гас за набавка за јануари. За набавката во февруари тоа може да го направат и компаниите кои продаваат гас и на други компании освен на ЕСМ кои користат во своите процеси гас како енергенс. ЕСМ за јануари успеа да обезбеди енергенс по поевтина цена од понудите кои беа на располагање“,
рече Ковачевски.
На прашањето зошто се форсира фиксна цена, Ковачевски рече дека секоја компанија што сака да им понуди на своите корисници пониска цена од онаа што ја купува на берза, може тоа да го вкалкулира во крајната цена.
„Секоја компанија која тргува на берза и која има 20-годишно тргување доколку сака на своите корисници да им пренесе пониска цена на енергенс што го купува на берза тогаш тоа може да го вкалкулира во крајната цена доколку сака и доколку како компанија има интерес“,
истакна Ковачевски.
Тој додаде дека со брзата реакција на Владата, државните компании ЕСМ, НЕР и ГА-МА и земјите партнери на државава, навремено е обезбеден гас за јануари во момент кога при крајот на декември единствениот увозник на природен гас информираше дека од 1 јануари ќе прекине со испораката на овој енергенс.