Повикот е од отворен карактер и во однос на количините и во однос на времетраењето на испораката од страна на снабдувачите, за периодот од 1 јануари до 30 април 2023 година

„ЕСМ продажба“ објави повик за прибирање понуди од домашни и странски компании кои имаат можност да обезбедат и да испорачаат потребни количества на природен гас за производство на топлинска енергија за топланите „Исток“, „Запад“, „Енергетика“ и „Скопје Север“, како и за останатите потрошувачи на природен гас во државата, пред се поголемите производствени и услужни капацитети.
Од ЕСМ информираат дека од страна на „ЕСМ продажба“ е распишан нов повик со оглед на тоа што на претходниот имало понуди кои не биле верификувани, а досегашниот испорачател „Промгас – Макпетрол“, со кој досега имале договор не доставил понуда.
Како што нагласуваат оттаму, повикот ќе биде од отворен карактер и во однос на количините и во однос на времетраењето на испораката од страна на снабдувачите, за периодот од 1 јануари до 30 април 2023 година.
„Макпетрол“ вчера соопшти дека од 1 јануари нема да увезува и да испорачува природен гас до своите потрошувачи.
Во соопштението испратено до јавноста, „Макпетрол“ посочи дека причина за ваквата ситуација се новите услови за работа кои ги предвидува, според нив, прерано потпишаниот договор за интерконекција меѓу државното претпријатие ГА-МА АД и „Булгартрансгас“, со што не се применливи досегашните услови според кои компанијата увезува и испорачува природен гас до своите потрошувачи.