Првично тестирањето на работата на топланите со дизел гориво беше најавено за од 15 ноември. Од ЕСМ велат дека системот технички се подготвува, а тестирањето ќе почне откако ќе се добијат сите соодветни дозволи од надлежните институции
АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ја купиле потребната количина природен гас за топланите „Исток“ и „Запад“ да може да работат во периодот од 16 до 30 ноември. Како што соопштија од компанијата, гасот е обезбеден од „Макпетрол“ по цена од 1 345 евра за 1 000 нм3.
Од ЕСМ велат дека ќе купуваат гас за покуси временски периоди како и досега бидејќи сакаат да ја искористат финансиската поволност од континуираниот пад на цената.
Што се однесува до најавата дека двете топлани ќе се тестираат со работа на дизел, од компанијата велат дека ги прават подготовките, но и оти прво треба да се обезбедат лиценци.
„Системот технички се подготвува за тестирање за користење на алтернативно гориво дизел, како резервно решение за во случаи во кои поради геополитички случувања во Европа гасот би станал недостапен на пазарот или би достигнал екстремно високи цени. Тестирањето ќе се врши по обезбедување на сите соодветни дозволи од надлежните институции и почитување на прописите за постапката“,
велат од ЕСМ.
Првичните најави од директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, беа дека тестирањето на дизел ќе почне од 15 ноември. Тест периодот, како што објасни тој, не значи и дека скопјани кои се затоплуваат преку „Исток“ и „Запад“ ќе останат без греење во тој период бидејќи прво ќе се тестира едната, а потоа другата топлана.
„Топлинската енергија во период кога функционира приватната гасна централа ТЕ-ТО од која се добива околу 60 отсто од потребната топлинска енергија за системот во Скопје, останува 40 отсто да се обезбеди од топланите ’Исток‘ и ’Запад‘. Токму затоа, заради поволните временски услови, планот на техничките кадри во ЕСМ е да направат тест период во промена на енергенсот. Префрлањето ќе биде во рок од 24 часа, но тоа не значи дека граѓаните ќе останат без топлинска енергија. Тоа ќе се прави прво на едната, а потоа на другата топлана, но при тоа најголем дел ќе се добива од ТЕ-ТО и нема да има прекини во добивањето топлинска енергија“,
рече Ковачевски на прес-конференција на 3 ноември.
Фото: МИА