Министерот за економија во пресрет на преземањето на управувањето со БЕГ вчера уверуваше и дека затоплувањето ќе биде продолжено до еден часот по полноќ и оти ќе нема намалување на температурата на греење
Откако Владата вчера на седница го одобри текстот на Договорот за деловно-техничка соработка, од денеска управувањето со „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) треба да биде во рацете на АД „Електрани на Северна Македонија“ (АД ЕСМ).
„Согласно овој договор, БЕГ ќе му го стави на увид на АД ЕСМ целокупното свое деловно работење до денот на склучување на овој договор, а од денот на склучување на овој Договор ќе му даде согласност на АД ЕСМ да управува со сите деловни активности на БЕГ, со сите трансакциски сметки, како и со наменската сметка којашто БЕГ ќе ја отвори исклучиво за потребите на овој Договор за деловно техничка соработка“,
соопшти вчера од владината прес-служба.
На оваа тема синоќа во интервјуто во „Само вистина“ на Канал 5 ТВ зборуваше и премиерот Димитар Ковачевски кој изјави дека електричната енергија и затоплувањето на Скопје се двете теми на кои се фокусираат периодов и оти сè ќе направат граѓаните да имаат топли радијатор.
„Имаме стари луѓе, имаме деца, имаме болни и не може да ги оставите без греење и не ги оставивме. ВМРО-ДПМНЕ неосновано критикува, а не спомнува дека БЕГ е направен во 2012 година на начин каков што е, но тоа е работа на Јавното обвинителство“,
рече Ковачевски во „Само интервју“ за Канал 5.
Министерот за економија Крешник Бектеши во пресрет на управувањето со БЕГ вчера уверуваше и дека затоплувањето ќе биде продолжено до еден часот по полноќ и оти ќе нема намалување на температурата на греење.
„Согласно одлуката за прогласување на кризна состојба во делот на топлинската енергија, дополнително ќе вбризгуваме средства во ЕСМ. Од утре ЕСМ ќе управува со ‘БЕГ снабдување’, ‘БЕГ дистрибуција’ и ‘БЕГ производство’ со цел граѓаните на Град Скопје во континуитет и сигурно да бидат снабдувани со топлинска енергија до крајот на грејната сезона“,
изјави вчера Бектеши.
Договорот меѓу ЕСМ и БЕГ, како што најави, ќе биде јавно достапен.