Зголемувањето на бројот на позитивни случаи на ковид-19 покажува дека таканаречениот есенски бран е на прагот. Денеска во земјава беше забележан највисокиот број на новозаразени лица на дневно ниво од почетокот на пандемијата досега.
Како што информираше Министерството за здравство регистрирани беа 317 ковид-случаи, а четири лица починаа. Бројот на оздравени за истиот период изнесува 104. Во земјава вкупно се регистрирани 19 413 случаи со ковид, а вкупно починаа 772 лица.
Состојбата во регионот не е подобра, денеска рекордни бројки на новозаразени забележаа и Бугарија и Словенија.
Вкупно 436 се регистрирани во Бугарија во последните 24 часа, а уште осум починаа. Од почетокот на пандемијата, заразени се 22 306 лица, а починале 862 лица.
Во изминатите 24 часа, во Словенија е забележан нов дневен рекорд за бројот на новоинфицирани со коронавирус, кој изнесува 356. Вкупниот број на заразени во оваа земја сега изнесува 7 120, а во болниците има рекорден број пациенти 122.
Во Косово три лица починаа, 49 заразени и 92 оздравени од ковид-19 се регистрирани во изминатите 24 часа. Според официјалните статистики на здравствените власти во Приштина, од почетокот на пандемијата во земјата се евидентирани 638 смртни случаи, 15 938 заразени и 14 143 лица кои ја совладале болеста. Бројката на активни носители на коронавирусот моментно изнесува 1 157.
Националната организација за јавно здравје на Грција соопшти дека се регистрирани 407 случаи на новиот коронавирус, а починаа уште четири лица. Бројот на заразени од почетокот на епидемијата се зголеми на 20 947 лица, а вкупно се починати 420 лица.
Во Србија за последното деноноќие се регистрирани 121 случај со ковид, а почина едно лице. Во оваа земја, од почетокот на пандемијата се заразени 34 193, од кои вкупно починаа 758 лица, а оздравени се 31 536 лица.
Албанија регистрираше 162 нови случаи на ковид, а четири лица починаа, досега во оваа соседна земја регистрирани се 14 730 заразени со ковид, а вкупно починати се 407 лица.