За време на заедничкиот разговор со Ердоган, рускиот претседател Владимир Путин му предложил на претседателот на Турција оти треба бесплатно да испорачуваат жито во африканските земји како Џибути, Сомалија и Судан кои се соочуваат со кризи со храна и глад
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган информира дека Русија и Турција постигнале договор за бесплатно снабдување со жито на земјите на кои тоа им е потребно, главно сиромашни земји од Африка.
За време на заедничкиот разговор со Ердоган, претседателот на Русија Владимир Путин му предложил на турскиот претседател оти треба бесплатно да испорачуваат жито во африканските земји како Џибути, Сомалија и Судан.
„Се договоривме. Се согласивме да разговараме за тоа опширно на самитот на Г-20 во Индонезија. Ќе обезбедиме пратките со жито да стигнат до сите земји на кои им е потребна, особено во Сомалија, Џибути и Судан, кои се борат со сериозни кризи со храна и глад“,
рече Ердоган во телевизиско обраќање.
Русија на 29 октомври соопшти дека привремено се повлекува од договорот за извоз на жито, а за тој потег кажа дека следува откако украинските сили ги нападнале бродовите на Крим, кој е окупиран од Русија. Руските власти посочија дека некои од нападнатите бродови се цивилни бродови вклучени во обезбедувањето на „коридорот за жито“ за да се овозможи извоз од три украински пристаништа на Црното Море.
Русија потоа се врати на договорот за извоз на жито што овозможува украинскиот извоз да минува по коридорот низ Црното Море.
Договорот за извоз на жито што Русија и Украина го постигнаа во јули годинава со посредство на Обединетите нации (ОН) и Турција, треба да биде обновен на 19 ноември, три дена по завршувањето на самитот на Г-20 на Бали, но Кремљ сè уште не потврди дека ќе се согласи со тоа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја нема да учествува на Самитот на Г-20 доколку рускиот претседател е учесник. Путин, пак, допрва треба да потврди дали ќе присуствува на Самитот.
Украинскиот извоз на жито опадна откако Русија ја нападна земјата на 24 февруари и ги блокираше нејзините пристаништа на Црното Море, што ги зголеми светските цени на храната. Со потпишувањето на договорот меѓу Киев и Москва, три црноморски пристаништа беа деблокирани.