Турција во јули ги повлече своите приговори за приклучувањето на Шведска во Алијансата, што од западните лидери беше поздравено како чекор кон единството што сакаат да го покажат во екот на руската агресија врз Украина
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска го достави на ратификација во парламентот на земјата предлог-законот за кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, соопшти турското претседателство.

Од претседателството, како што пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), не соопштиле повеќе детали за доставувањето на предлог-законот на ратификација.
За потсетување, влезот на нова членка во НАТО мора да биде одобрен од сите 31 постојана членка на Алијансата.
Сепак, кандидатурата на Шведска за прием во НАТО наиде на своевидна блокада од Турција и Унгарија, земји кои сè уште не ги ратификувале потребните законодавни акти.
Турција во јули ги повлече своите приговори за приклучувањето на Шведска во Алијансата, што од западните лидери беше поздравено како чекор кон единството што сакаат да го покажат во екот на руската агресија врз Украина.
Турција се спротивстави на членството на Шведска поради загриженоста за напорите на владата во Стокхолм за борба против исламофобијата, како и за активностите на курдските групи во оваа скандинавска земја.
Одлуката од јули за членство на Шведска во НАТО уследи по силниот притисок на американскиот претседател Џо Бајден врз Ердоган, пишува РСЕ.
Шведска и Финска се откажаа од децениската воена неутралност по нападот на Русија врз Украина во февруари минатата година.
Финска се приклучи на воената алијанса во април, додека членството на Шведска останува неизвесно, бидејќи Унгарија и понатаму одбива да ја одобри нејзината кандидатура.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан во мај изјави дека односите меѓу Унгарија и Шведска мора да се подобрат пред Будимпешта да ја одобри кандидатурата на скандинавската земја за членство во НАТО.
„Политичките односи меѓу Унгарија и Шведска се ужасно лоши. Не сакаме да внесуваме конфликти во НАТО“,
рече тогаш Орбан.
Неодамна, односно минатата недела и претседателот на унгарскиот парламент изјави оти не е сигурно дека земјата треба да ја одобори ратификацијата на приемот на Шведска во НАТО, сигнализирајќи за можно дополнително одложување на процесот.
„Не ни треба сојузник кој така размислува за нас. Не е сигурно дека ќе гласаме за Шведска во НАТО“,
рече Ласло Ковер.
Повод за неговиот коментар, како што пренесоа медиумите, беше краток шведски едукативен филм за студенти во кој се критикува состојбата со демократијата во Унгарија.