Одлуката, која предизвика остри критики од опозициските политичари и организациите за човекови права, следуваше по жестока национална дебата за практиките на породување. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган долго време го промовира она што го нарекува „природно породување“ и ги критикува високите стапки на царски резови во земјата

Турција ги забрани планираните породувања со царски рез, кои не се медицински оправдани, во приватните здравствени установи, според новите правила објавени од Министерството за здравство минатата недела, пишува „Туркиш минут“.
Одлуката, која предизвика остри критики од опозициските политичари и организациите за човекови права, следуваше по жестока национална дебата за практиките на породување. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган долго време го промовира она што го нарекува „природно породување“ и ги критикува високите стапки на царски резови во земјата.
„Планираните царски резови не можат да се вршат во медицинските центри“,
се вели во објавата објавена во „Службен весник“ од 19 април.
Највисока стапка на породувања со царски рез
Турција има највисока стапка на царски рез меѓу 38-те членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), според најновите достапни податоци од 2021 година. Според прегледот на светската популација (World Population Reviewu), таа година во Турција биле извршени 584 царски резови на 1 000 живородени деца.
Оваа тема доби дополнително внимание минатиот викенд кога играчите на Сиваспор излегоа на теренот пред натпреварот од Суперлигата против Фенербахче носејќи транспарент на кој се промовира природно породување. На транспарентот пишуваше:
„Природното породување е природно“.
Sivasspor’un Fenerbahçe maçına “doğal olan normal doğum” pankartı ile çıkması tepki çekti:
— Onedio (@onediocom) April 13, 2025
"Erkekler mi doğuruyor da bu konuda fikir belirtiyorsunuz!" pic.twitter.com/av8oUtbURH
Кампањата предизвика негодување кај опозициските пратеници, здравствените работници и застапниците за правата на жените.
„Како да нема други проблеми во земјата, машките фудбалери им кажуваат на жените како да раѓаат. Не мешајте се во женските проблеми со вашето незнаење. Држете ги рацете подалеку од женските тела“,
напиша на социјалната мрежа Икс, Ѓокче Ѓокчен, потпретседателка на главната опозициска Републиканска народна партија.
„Година на семејството“
Во јануари Ердоган ја прогласи 2025 година за „Година на семејството“ наведувајќи го опаѓањето на стапката на наталитет во Турција, која достигна рекордно ниско ниво од 1,51 во 2023 година. Тој често ги повикуваше жените да имаат најмалку три деца.
Во саботата Ердоган го бранеше учеството на фудбалскиот клуб во кампањата на Министерството за здравство.
„Еден од нашите фудбалски клубови излезе на теренот со транспарент во поддршка на кампањата на Министерството за здравство. Банерот не содржеше навреди, критики или непочитување кон никого, ништо што би ги навредило жените. Зошто ве мачи тоа што нашето министерство охрабрува нормално породување? Немаме време за такви глупости во време кога сме загрижени за наталитетот и растот на населението. Намалувањето на населението на Турција е многу посериозна закана од војната“,
рече Ердоган.