Хрватска и Црна Гора бележат рекорден број новозаразени, по што следат Србија, Бугарија и Романија
Новата мутација на коронавирусот – омикрон, доведе до целосен колапс на здравствените системи во регионот. Така, Хрватска и Црна Гора бележат рекорден број новозаразени, по што следат Србија, Бугарија и Романија.
Хрватска
Денеска во Хрватска се потврдени 9 058 нови случаи на инфекција со коронавирус, а тестирани се 19 975 лица, односно бројот н позитивните е 45% од вкупно тестираните, поради што надлежните веќе размислуваат за воведување нови построги мерки.
Со тоа во земјата е урнат црниот рекорд, а состојбата од ден на ден се влошува. Вчера во Хрватска беа регистрирани 8 587 новозаразени.
„Петтиот бран е веќе тука, се спои со четвртиот. Омикрон нема да одмине никого од нас, вакцинирајте се!“
изјави вчера хрватскиот министер за здравство Вили Берош, кој ден претходно рече дека 30 до 40 позитивни луѓе може да ја имаат омикрон – варијанта на вирусот, а сега тој удел би можел да биде уште поголем.
Црна Гора
Во понеделникот, на 3 јануари, во Црна Гора имало 12 507 заразени со коронавирус.
Статистиката вели дека на 3 јануари, во однос на две недели претходно, бројот на новозаболени е зголемен за околу 450 отсто, додека бројот на починати е намален за 11, а хоспитализирани за околу 14 отсто.
Пред 18 дена, на 16 декември, кога беше идентификуван омикрон во Црна Гора, беа регистрирани 187 нови случаи.
Податоците покажуваат дека сојот омикрон се шири побрзо од другите и доминира во земјата, соопшти Институтот за јавно здравје на Црна Гора (ИЈЗ).
Повеќето новозаболени се на возрасната група од 20 до 40 години, се вели во соопштението на Институтот.
Мерките што властите ги воведоа пред новогодишните празници значително влијаеја на бројот на новозаразени, смета директорот Игор Галиќ, директорот на ИЈЗ.
Со мерките е дозволено собирање во затворени угостителски објекти, со потврда и почитување на пропишаното растојание.
Црна Гора има 620 000 жители, а од почетокот на епидемијата во март 2020 година од последиците на коронавирусот починале 2 420 лица, додека вкупниот број официјално регистрирани случаи е близу 175 000.
Бугарија
Бугарија е земја со најмалку вакцинирани во ЕУ. Нешто повеќе од 27 отсто од возрасната популација ја примиле вакцината, додека просекот во земјите на ЕУ е 74 отсто.
Вчера во земјата се регистрирани 6 766 случаи на инфекција со коронавирус, што ги охрабри властите да размислат за нови мерки.
Како што неодамна изјави главниот здравствен инспектор Ангел Кунчев, ширењето на сојот омикрон доведе до драстичен скок на бројот на заразени.
Романија
Новите мерки што Романија одлучи да ги воведе пред празниците, за туристите кои влегуваат во земјата, не успеаја да го спречат ширењето на омикрон.
Земјата со 19 милиони жители вчера регистрира 4 893 случаи на заразени. Во октомври и ноември минатата година помина низ најсмртоносниот бран на ширење на инфекцијата, а надлежните досега забележаа три случаи на зараза со омикрон, кој се смета за позаразен од другите соеви. Сите тројца дошле во Букурешт од Јужна Африка.
Новите мерки ќе важат до 8 јануари. Невакцинираните лица кои ќе дојдат во Романија ќе мора да имаат негативен тест за коронавирус и да бидат во карантин.
Од друга страна, некои мерки во земјата се релаксирани, па кафулињата, продавниците, трговските центри и рестораните ќе работат подолго, до 22 часот, а луѓето ќе можат да влегуваат без сертификат, но со негативен тест.
Повеќе не се потребни маски на отворено.
Србија
Експертите тврдат дека на Србија и се заканува „ураган“ од нов бран коронавирус и уште подрастично зголемување на бројот на заразени, поради што се разгледува можноста за воведување четврта доза од вакцината.
Според последните официјални податоци од средата, 5 јануари, во Србија во последните 24 часа починале уште 25 лица, а регистрирани се 7 488 нови случаи на зараза.
„Омикрон има значителен удел во брзиот раст на бројот на заразени. Сепак, бројот на делта соеви не падна под 1 000 според статистиката пред Нова година и официјалната регистрација на омикрон“,
изјави за Нова.рс вирологот Миланко Шеклер.
Сојот омикрон пристигна во Србија на 23 декември, а очигледно веќе успеа да стане доминантен.
Д-р Радмило Јанковиќ од Клиничкиот центар во Ниш вели дека е невозможно да се запре ширењето на омикрон и додава дека бројките во наредните денови сигурно ќе бидат поголеми од 10 000, 20 000 или можеби 30 000 заразени.
Грција
Грција потврди 43 386 нови инфекции со коронавирус во последните 24 часа, при што 69 од нив се идентификувани на влезните места во земјата, соопшти во средата Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ).
Во последните 24 часа се регистрирани и 62 смртни случаи, со што вкупниот број на жртви од пандемијата се искачи на 21 115. Од нив, 95,1 процент имале основна состојба и/или биле на возраст од 70 или повеќе години.
Вкупно 628 пациенти се на вентилатори во болниците. Нивната средна возраст е 64 години и 79,9 отсто имаат основна состојба и/или се на возраст од 70 или повеќе години. Од вкупниот број, 532 (84,71 процент) се невакцинирани или делумно вакцинирани, а 96 (15,29 процент) се целосно вакцинирани.
Дополнително, 641 пациент со ковид-19 се примени во болница во последните 24 часа.
Просечната возраст на новите инфицирани е 36 години (опсег: 0,2 до 106 години), додека средната возраст на починатите е 78.