Портпаролот на берлинската противпожарна бригада објасни дека утринава пожарот бил на околу два километри од најблиските куќи, но засега ниту станбените области, ниту сообраќајната инфраструктура не се загрозена, а нема ниту повредени
Засега се претпоставува дека на натамошниот тек на ширењето на пожарот може да влијае и тоа што веќе извесно време има суша, односно дека дрвјата и вегетацијата се лесно запаливи. Дополнителен проблем за пожарникарите на терен се високите температури кои владеат во Германија, поради што пожарот во моментов неконтролирано се шири
Високите температури и долготрајната суша го отежнуваат гаснењето на пожарот што утринава избувна во главниот град на Германија, Берлин. Пожарот почнал да се шири по неколку експлозии на полицискиот полигон за контролирано активирање експлозивни направи во берлинскиот Груневалд, зафаќајќи ја блиската шума, во југозападниот дел од градот. Според берлинските пожарникари, пожарот се проширил во текот на утрото.
„Пожарот се прошири на површина од еден и пол хектар. И понатаму не е под контрола“,
изјави портпаролот на берлинската противпожарна служба.
Тој објасни дека утринава пожарот бил на околу два километри од најблиските куќи, но засега ниту станбените области, ниту сообраќајната инфраструктура не се загрозена, а нема ниту повредени.
Засега се претпоставува дека на натамошниот тек на ширењето на пожарот може да влијае и тоа што веќе извесно време има суша, односно дека дрвјата и вегетацијата се лесно запаливи. Дополнителен проблем за пожарникарите на терен се високите температури кои владеат во Германија, поради што пожарот во моментов неконтролирано се шири.
„Тоа не загрижува“,
вели претставник на противпожарната служба додавајќи оти ситуацијата е непредвидлива.
Во акцијата на терен учествуваат сто припадници на противпожарната служба и локални полициски сили. Побарана е и помош од дополнителни противпожарни бригади, како и од специјалните единици на Бундесверот.
Зесега сè уште не е јасно што ја предизвикало првата експлозија на полигонот.
Берлинскиот Сенат, владата на федералната покраина Берлин, изрази загриженост затоа што пожарот поради долготрајна суша и сува вегетација може брзо да се прошири. На новинарско прашање, околу постоењето полигон за уништување експлозивни средства среде шума, портпаролот на Сенатот одговори дека со тоа прашање ќе се позанимава откако пожарот ќе биде изгаснат.
Германските власти ги предупредија граѓаните за пожарот преку официјални апликации за паметни телефони и ги повикаа да ја избегнуваат погодената област. Од жителите на околните населби беше побарано да ги затворат прозорците и вратите на становите и куќите и да ги исклучат клима-уредите.
Поради пожарот, прекинат е железничкиот и патниот сообраќај на важни патни правци од југозападниот дел кон центарот на Берлин.
Изминатите денови во Берлин и околината се забележани невообичаено високи температури. За денеска се најавени 38 степени.