Шефот на Одделот за респираторни вируси при Светската здравствена организација Ричард Пибоди изјави дека по оздравувањето од ковид-19 може да се најдат траги од вирусот кај лицето кое било заразено.
„Знаеме дека луѓето се најзаразни откако ќе почнат да ги покажуваат првите симптоми. А, откако ќе оздрават, кај тие луѓе можно е да се откријат траги од вирусот, но преносливоста во тој момент, веројатно, е значително помала. Луѓето се најзаразни непосредно пред или за време на развивањето симптоми“,
изјави тој за хрватската емисија „РТЛ Директ“.
Како што вели Пибоди, она што е клучно е луѓето да ги намалат контактите со други луѓе, посебно кога развиваат симптоми, да внимаваат на своето здравје и редовно да ги мијат рацете.
Тој потенцира дека за секоја држава е многу важно случаите на зараза да се истражуваат, тестираат, следат и изолираат, а на нивните контакти да им се одреди мерка за самоизолација.