„Некој ми напиша, нели знаеш дека пораснавме само 1,2%. Се разбира дека знам, но гледајте каде сме“, вели светски познатиот менаџер од САД со македонско потекло во интервју за „360 степени“ на МРТ 1
Економски раст од над 5 отсто на годишно ниво е неопходно важен и тоа е остварливо – вели Мајк Зафировски, еден од основачите на „Македонија2025“, невладина организација создадена од гурбетџии, која го помага економскиот и демократскиот развој на земјава.

„Некој ми напиша, нели знаеш дека пораснавме само 1,2%. Се разбира дека знам, но гледајте каде сме. 3-4% е многу подобро отколку што е сега. 5% е подобро од 3-4%. 10% е подобро од 5%“,
вели тој.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан колку стапки на раст од повеќе од пет отсто од БДП се реално остварливи, Зафировски, кој во кариерата бил на важни менџерски, извршни и советнички функции во познати мултинационални компании, коментира:
„Прашањето е интересно. Одговорот е – апсолутно е возможно, ако го поставите како приоритет“.
За најавите од Христијан Мицкоски, лидерот на партијата која победи на изборите и се очекува да ја формира идната влада – ВМРО-ДПМНЕ, дека ќе го сменат концептот за раст од поттикнување на поторшувачката во поттикнување на инвестициите, Зафировски вели дека дека „тоа е прашањето за јајцето или кокошката“.
„Што се појавило прво, јајцето или кокошката? Ви требаат инвестиции. Ќе има притисок да се покачат пензиите, очигледно имам многу постари роднини, но би аргументирал дека треба да се прават инвестиции за развој, што ќе ви овозможи да направите дополнителни инвестиции во иднина и да исплатите подобри пензии. Значи, целиот концепт да биде преокупиран со раст. Сигурен сум дека ќе имаат многу препораки, ние се пријавуваме волонтерски. Многу сме отворени да ги споделиме нашите мислења и препораки“,
вели Мајк Зафировски.

Притоа, тој порачува дека „нема успешна држава во светот без силни локални бизниси и способност да привлекува странски инвестиции“. Не станува збор за преферирање, дополнува Зафировски, туку треба да бидете добри во двете.
Мајк Зафировски, e Македонец, роден скопјанец, кој во 1969 година емигрирал за САД. Во бизнис-кариерата бил на чело или дел од менаџментот на „Џенерал електрик“, „Боинг“, „Нортел“, „Моторола“, а во моментов раководи со семејната „ЗАФ Груп“. Деновиве беше во земјава поради самитот на „Македонија2025“, невладина организација чиј коосновач е самиот тој.