За да се отворат преговорите со Украина и Молдавија, членките на ЕУ мора едногласно да ги прифатат преговарачките рамки за двете земји
Европската комисија, извршното тело на Европската Унија, денеска соопшти дека ги информирала земјите членки за напредокот на Украина и Молдавија и препорача и формално отворање на пристапните преговори со двете земји за нивно членство во Унијата, пренесува ХРТ.

Ваквата препорака, според хрватската државна телевизија, наишла на добар прием кај земјите членки на ЕУ, освен од Унгарија, која има забелешки и одредени барања во однос на отпочнувањето на преговорите со овие две земји.
„Можеме да потврдиме дека Комисијата усно ги извести земјите членки на состанокот на КОРЕПЕР (Комитетот на постојани претставници во ЕУ) дека двете земји ги презеле сите неоходни чекори“,
изјави денеска портпаролката на Европската комисија за проширување, Ана Писонеро.
Инаку, за да се отворат преговорите со Украина и Молдавија, членките на ЕУ мора едногласно да ги прифатат преговарачките рамки за двете земји.
Намерата на белгиското претседавање со Унијата е да ги отвори преговорите до крајот на шестмесечниот мандат на оваа земја членка. Целта е тоа да се случи на 25 јуни на маргините на состанокот на Советот за општи работи во Луксембург.
Повикувајќи се на дипломатски извори, хрватската новинска агенција Хина пренесува дека предлогот на Европската комисија бил добро прифатен на состанокот на КОРЕПЕР, освен од Унгарија, која сè уште има голем број забелешки.
Истиот извор за агенцијата навел дека некои од земјите членки на ЕУ кои ги поддржуваат Украина и Молдавија се обидуваат тоа да го поврзат со земјите од Западен Балкан за да им испратат позитивни сигнали или некакви конкретни чекори во однос на приближувањето кон ЕУ.
Околу ова прашање КОРЕПЕР повторно ќе разговара в среда на 12 јуни, а доколку биде потребно, ќе се врати на темата една недела подоцна, на 19 јуни.
Инаку, портпаролката Писонеро денеска изјави дека и Украина и Молдавија ги презеле неопходните чекори што се бараат од нив за исполнување на условите за свикување на првата меѓувладина конференција и официјално отворање на преговорите.

Таа посочи дека Украина постигнала значителен напредок во борбата против корупцијата, усогласување со регулативите на ЕУ за ограничување на моќта и влијанието на олигарсите, како и за заштита на правата на малцинствата.
Молдавија, пак, според Писонеро, остварила значителен напредок во ветингот на судскиот систем, независноста на јавното обвинителство, борбата против корупцијата и законодавството за финансиските текови.
„Сега останува на земјите членки да дискутираат и да донесат одлука за следните чекори“,
додаде таа.
Унгарија како една од причините за нејзиното противење ги наведува правата на унгарското малцинство во Украина, барајќи повеќе промени во однос на нивните права, како и гаранции поврзани со земјоделството.
За потсетување, Советот на Европската Унија одлуката Украина и Молдавија да ги почнат преговорите за членство во Унијата ја донесе кон крајот на минатата година.