Oдлуката за суспензија на парите се носи откако Европската комисијата процени дека нетранспарентноста и корупцијата во Унгарија го загрозуваат заедничкиот буџет на ЕУ
Унгарија денеска објави дека ќе ги исполни ветувањата дадени на Европската комисија со цел деблокирање на средствата од европските фондови
Предлогот за делумна суспензија на парите од европските фондовите за Унгарија поради непочитување на владеењето на правото го презентираше денеска во Брисел еврокомесарот за буџет, Јоханес Хан. Имено, одлуката за суспензија на парите се носи откако Европската комисијата (ЕК) процени дека нетранспарентноста и корупцијата во Унгарија го загрозуваат заедничкиот буџет на ЕУ и со тоа парите на европските даночни обврзници.
Конкретно, ЕК предлага суспензија на 65 отсто од кохезивните фондови предвидени за Унгарија и забрана за склучување легални договори со ентитети од јавен карактер. Според проценките на Комисијата ова претставува околу 7,5 милијарди евра или третина од кохезивните фондови за Будимпешта.
По повеќемесечна анализа и разговори со унгарската Влада, ЕК дојде до заклучок дека буџетот на ЕУ останува загрозен поради сомнежите за корупција пред сè во делот на јавните набавки.
Во следните денови предлогот ќе му биде доставен на Советот на ЕУ, односно земјите членки, кои треба да го усвојат со квалификувано мнозинство. Советот има еден месец да ја усвои оваа санкција, но може да побара и пролонгирање од дополнителни два месеца.
Запрашан зошто се дава толкав рок на Советот, Хан одговори дека во патоказот договорен со унгарската Влада се предвидуваат 17 клучни елементи за исполнување на условите на Европската комисија – на Будимпешта и е потребно време.
Еден од условите, со кој со согласи унгарската Влада е воспоставување посебно тело за интегритет кое ќе има задача да врши надзор врз контроверзните процеси.
„Важно ќе биде да видиме како ќе биде составено ова тело, само луѓе кои не биле членови на политичка партија во последните пет години или немале политички мандат во последните пет години смеат да членуваат, можат да бидат назначени само еднаш за шест години“,
рече Хан, нагласувајќи дека Комисијата од блиску ќе го анализира составот на ова тело за интегритет.
Унгарија ветува реформи за да ги спаси парите од европските фондови
Унгарија денеска објави дека ќе ги исполни ветувањата дадени на Европската комисија со цел деблокирање на средствата од европските фондови кои Европската комисија предложи да ѝ се замрзнат на Унгарија.
Министерот за регионален развој и ЕУ фондови, Тибор Наврачич, задолжен за преговори со Европската Унија, изрази надеж дека мерките што ќе ги спроведе Будимпешта ќе ги заштитат европските средства.
Унгарската влада во саботата најави дека Парламентот во Будимпешта следната недела ќе гласа за поголем број закони кои треба да ги отстранат причините за замрзнување на средствата.