Европската комисија во денешниот мини-извештај заклучи дека Албанија треба да почне пристапни преговори. Во документот, кој е подолг од извештајот за Северна Македонија, се забележува ист заклучок како и за земјава.
„Во светлината на постигнатиот значаен напредок и условите што едногласно ги постави Советот на ЕУ во јуни 2018 г., кои беа исполнети, Комисијата во пакетот за проширување во 2019 г. препорача Советот да отвори пристапни преговори со Албанија. Севкупно, Албанија ги зајакна напорите и испорача натамошни опипливи и одржливи резултати во клучните области идентификувани во заклучоците од Советот од јуни 2018 г. Следствено, основите на препораката на Комисијата од 2019 г. за отворање на пристапни преговори со Албанија остануваат валидни“,
се вели во извештајот на ЕК за Албанија
Во извештајот Брисел нотира дека Тирана продолжила да испорачува конкретни резултати во имплементирањето на ЕУ-реформите. Напредок е забележан во реевалуцијата на судиите и обвинителите, во формирањето независни судски структури, во создавањето посебни институции поврзани со борбата против организираниот криминал и корупција, како и во зајакнувањето на резултатите во проактивните истраги, обвиненија и конечни пресуди.