Комисијата во соопштението кое е одговор на критиките на начинот на дистрибуција, ги повика земјите-членки да се договорат дали сакаат да се вратат во системот за дистрибуција според бројот на население
Самите земји-членки на Европската унија побараа флексибилност и одлучија да отстапат од правилото за дистрибуција на вакцините според бројот на жители, им одговори Европската комисија на петемина премиери на земји -членки кои претходно денеска побараа итен самит на Унијата на кој би се разговарало за нерамноправната распределба на вакцини.
Со ова ЕК ја префрли одговорноста за нееднаква дистрибуција на самите земји.
„Земјите-членки одлучија да отстапат од предлогот на Комисијата, со воведување на флексибилност што овозможува различна распределба на дози, врз основа на епидемиолошката состојба и потребите од вакцини во секоја од нив“,
се вели во соопштението.
Комисијата реагираше на острите критики од Австрија, Бугарија, Латвија, Чешка и Словенија на системот за дистрибуција, обвинувајќи дека некои земји брзо ќе го достигнат колективниот имунитет, а другите ќе заостанат.
„Според тој систем, ако некоја држава одлучи да не го земе својот дел од дозите, тие потоа се дистрибуираат до заинтересираните членови“,
објаснуваат Комисијата.
Лидерите на Австрија, Чешка, Бугарија, Латвија и Словенија повикаа на разговори на високо ниво за фер дистрибуција на вакцините, предупредувајќи дека сегашниот начин на работа на системот до летото може да создаде „големи разлики“ меѓу земји – членки.
Во писмото до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, тие предупредуваат дека доколку ваквиот систем продолжи, големите разлики меѓу земјите-членки ќе продолжат да растат и да се зголемуваат до летото.
Комисијата во соопштението ги повика земјите-членки да се договорат дали сакаат да се вратат во системот за дистрибуција според бројот на население.