Наместо суспензија, како што претходно информираше еврокомесарот за проширување и соседска политика, од Европската комисија велат дека ќе се направи итна ревизија на помошта за Палестинците по нападот на Хамас врз Израел, за да се осигура дека парите не се злоупотребени, но не и суспензија на помошта. Досега не е дадено никакво објаснување за пресвртот во ставот
Европската комисија (ЕК) доцна во понеделникот (9 септември) го „демантираше“ еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој претходно соопшти дека Унијата веднаш ја суспендира развојната помош за палестинските власти, пренесуваат агенциите.
Наместо суспензија, од Европската комисија велат дека ќе се направи итна ревизија на помошта за Палестинците по нападот на Хамас врз Израел, за да се осигура дека парите не се злоупотребени, јави Дојче веле.
„Нема да има суспензија на помошта“,
се вели во кусото соопштение од Европската комисија, објавено неколку часа откако комесарот соопшти дека сета помош од програмата за развој за Палестинците ќе биде „веднаш“ суспендирана, сите проекти ставени под ревизија и сите нови буџетски предлози одложени до следно известување“.
Досега не е дадено никакво објаснување за пресвртот во ставот, наведува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Соопштенијата на Европската комисија имаат примат над оние на нејзините комесари, но промената на ставот за помошта вредна 691 милиони евра се капак на, како што пишува „Асошиејтед прес“, контроверзниот ден за Европската комисија во време на екстремни геополитички превирања.
Левичарската влада на Шпанија во понеделникот го изрази своето несогласување со одлуката на Европската комисија да ја прекине помошта за Палестинците поради нападот на екстремистичкиот Хамас врз Израел.
Несогласување со таа одлука изрази и генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш.
Германија и Австрија, исто така, претходно најавија прекин на помошта за Палестинците, додека други земји како Италија изјавија дека прекинот на помошта не е предмет на дискусија.
Портпаролот на британскиот премиер Риши Сунак, запрашан дали Велика Британија планира да ги следи Австрија и Германија, рече дека Обединетото Кралство претходно обезбедувало помош за палестинските бегалци преку Обединетите нации и дека не знае за какви било планови за промена на нејзиниот пристап.
Европа е еден од главните извори на помош за окупираните палестински територии, каде што Обединетите нации проценуваат дека хуманитарна помош е потребна за околу 2,1 милион луѓе, меѓу кои и еден милион деца, потсетува РСЕ повикувајќи се на информациите што ги пренесуваат светските агенции.
Министрите за надворешни работи на ЕУ за утре најавија состанок на кој ќе се разгледува ситуацијата на Блискиот Исток по неочуваниот и брутален напад на Хамас на Израел.