Дел од жителите се чудат како функционираат рестораните и кафулињата, ако водата не е исправна ниту за миење садови

Само неколкумина гостиварци, без организатор и без говори, денеска излегоа на протест пред јавното претпријатие „Комуналец“, јавуваат повеќе медиуми, барајќи одговори за масовното труење на жителите поради што е прогласена епидемија во градот.
Дел од присутните изразија разочараност за слабиот одѕив и бараат одговори, но и казни за ситуацијата во којa се најде градот.
„Јас случајно прочитав дека ќе има протести и тргнав наваму мислејќи дека навистина ќе има голем број на граѓаните. Проблемот не е поединечен, не знам што е поентата и кај се луѓето“,
рече жителка на Гостивар.
Помладата гостиварка, во изјава за медиумите додава:
„Мислам дека ова е голем скандал во 2026 година да се соочиме со ваков проблем. Многу е тешко затоа што не може да се користи за ништо, нтиу за туширање – ниту за миење садови. И баба ми сакаше да дојде, ама ми вика не можам да се измијам, нема да можам да дојдам, нема вода. Бараме одговори, бидјеќи не знаеме што се случува и да се преземе одговорност.“
„Ако сега не преземе нешто државата наша, без разлика што било вчера и што ќе биде утре, тогаш јас сметам дека ние сме во незаштитена положба како граѓани на Република Македонија“,
вели друг жител на Гостивар.
Други пак, се чудат како функционираат рестораните и кафулињата, ако водата не е исправна ниту за миење садови.
Резултатите од анализите на водата од градскиот водовод во Гостивар се готови, но здравствените власти претпладнево кажаа дека не можат да ги споделат, со тврдење дека за тоа прво треба да добијат согласност од Обвинителството кое го истражува случајот.
Истовремено, полицијата ја приведе в.д. директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“-Гостивар, Артана Асани, како и шефот на гостиварски „Водовод и канализација“ и техничкиот директор на ЈП „Комуналец“-Гостивар.
По скандалот со масовното труење, премиерот Христијан Мицкоски денеска посочи дека локалната власт треба да поднесе морална одговорност, додека градоначалникот Валбон Лимани изјави дека не чувствува лична одговорност и повика да не се злоупотребува ситуацијата, притоа суспендирајќи ја директорката на „Комуналец“ од функцијата.
