Со осум пратеници во Собранието е Алијанса за Албанците (АА), но нејзиниот в.д. претседател Арбен Таравари, не сакаше да коментира таква опција. Тој рече дека денеска на лидерската разговарале за иднината на државата, а не за иднината на Владата
Една партија со осум пратеници чека да влезе во Владата.
Ваква информација денеска пушти во јавноста лидерот на Демократскиот сојуз (ДС), Павле Трајанов, по лидерската средбата во Собранието додека одговараше на новинарски прашања.
Тој рече дека на средбата предложил доколку не се постигне единствено можеби е добро да се оди на предвремени парламентарни избори, а на дополнително прашање дали тоа значи дека ја преиспитува својата позиција во владејачкото мнозинство Трајанов одговори:
„И без мене и со мене мнозинството топ не го разбира. Имаме уште една партија со осум пратеници што чека да се вклучи во Владата така што опстојувањето на владата не зависи од мене или само од бројките. Владата ќе опстојува се дури спроведува политики кои се прифатливи за граѓани“.
Со осум пратеници во Собранието е Алијанса за Албанците (АА), но нејзиниот в.д. претседател Арбен Таравари, не сакаше да коментира таква опција.
„Денеска бевме тука да зборуваме за иднината на државата, не за иднината на Владата. Така што, ирелевантно е тоа што го кажал господинот Трајанов. Не би го дискутирал тоа, тоа не беше ниту тема на дискусија“,
рече Таравари по лидерската средба.
И на дополнителните новинарски прашања дали претходните денови се зборувало на таа тема, тој ниту демантираше ниту потврди и во одговорот се задржа само на денешната лидерска средба.
„Може да биде тема на дискусија, но денеска не зборувавме воопшто за тоа. Зборувавме за европската иднина на Македонија“,
повтори Таравари.
Темата за влез на АА во владината коалиција се наметна во јавноста кон крајот на септември, кога токму Таравари во изјава рече дека ако добие понуда, партијата ќе ја разгледа.
„Не сме разговарале околу тоа, ние сега сме фокусирани во реорганизирањето на партијата. Повеќе сме на терен и водиме разговори, ги слушаме активистите и тие што се симпатизери на Алијанса за Албанците. Темата за условување за тоа дали да се влезе или да се излезе не сме ја дискутирале, ние не сме биле дел од Владата ниту, пак, сме размислувале за тоа. Но, ќе размислиме, ќе ја разгледаме опцијата ако постои таков предлог, но сега за сега нема нешто такво“,
рече Таравари на 26 септември.
Десет дена по ваквата изјава, пак, премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, рече дека не разговарале за ваква опција, но кажа дека за секоја евентуална поддршка на неговата Влада треба да се разговара.
„Со господинот Таравари се немам видено, но секогаш сум имал контакти со пратениците од Алијанса. Не сме разговараме за такво нешто. Меѓутоа, секоја поддршка која е за поддршка на европскиот пат, за справување со енергетска и економска криза и сите предизвици со кои се соочуваме, сметам дека е поддршка за која треба да се разговара“,
рече Ковачевски на 7 октомври.