Швајцарија има една од највисоките стапки на поседување оружје во Европа, иако вооружените инциденти со жртви се ретки

Во пукање во неделата рано наутро на рејв-забава во Арау, на северот на Швајцарија, во близина на Цирих, едно лице загина, а петмина се повредени, соопшти полицијата, додавајќи дека по сторителите сè уште се трага.
Според првичните сознанија, по пукањето што се случило во текот на ноќта во областа Шахен во Арау, некои од повредените се во тешка состојба. Потрагата по сторителите, чиј идентитет засега не е познат, е во тек, соопшти кантоналната полиција во Аргау, додавајќи дека можните мотиви и точните околности на настанот допрва треба да се утврдат.
Кантоналната полиција ја повика јавноста да ги достави евентуалните видеоснимки од инцидентот.
Таблоидот „Блик“ пишува дека пукањето се случило на рејв-забава на хиподром.

На видеоснимките објавени на неговата веб-страница се слушаат истрели.
Полицијата соопшти дека големи делови од градот Арау се оградени, а од претпазливост е зголемено полициското присуство и надвор од градот.
Швајцарија има една од највисоките стапки на поседување оружје во Европа, иако вооружените инциденти со жртви се ретки. Во 2019 година земјата усвои построги правила за контрола на оружјето.
„Блик“ објави дека истрелите биле испукани пред 3 часот наутро на „Арау рејв“, годишна техно-забава што привлекла околу 3 500 посетители на хиподром во Арау. Забавата почнала од 15 часот во саботата.
Според весникот, еден сведок изјавил дека слушнал „рафална стрелба“.
