Полициските службеници, додаваат од МВР, со убодни рани го пронашле и 67-годишниот Љ. К., брат на починатиот В. К. и за кого постои сомнение дека е сторител на убиството

Безживотното тело на 57-годишната С. К. е најдено денеска во 12:30 часот во скопското село Стајковци. Освен телото на жената, полицијата го пронашла повреден и 64-годишниот В. К., девер на починатата.
Како што информираат од полицијата, лицата биле пронајдени на тераса и на скали во домот во Стајковци.
Деверот, со повреди на главата, со Итна медицинска помош бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што во 14 часот починал.
Полициските службеници, додаваат од МВР, со убодни рани го пронашле и 67-годишниот Љ. К., брат на починатиот В. К. Според полициските информации, лицето Љ. К. имал здравствени проблеми и за него постои сомнение дека е сторител на убиството.
Тој, исто така, бил пренесен во медицинска установа за укажување помош.
Како што пренесува МИА, Љ. К. е во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ Скопје од каде што потврдуваат дека е хоспитализиран пациент на околу 70 години со исеченици и површни повреди во пределот на левата страна на градниот кош и на главата.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.