Според партискиот портпарол, членовите на СДСМ избрале старо-нов претседател, за кој вели дека е продолжена рака на кланот Заеви и додава дека всушност претседател на СДСМ е повторно Зоран Заев

Од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија најавија дека ги отвораат вратите за нови членови од СДСМ.
Според партискиот портпарол Никола Мемов, во СДСМ членуваат многу чесни и способни луѓе, членови кои ја сакаат Македонија.
„Но, СДСМ е партија која повеќе не припаѓа на членството и максимата или си СДСМ или не си веќе нема никакво значење. Во последните 11 години раководството на СДСМ се откажа од асномските принципи и крушевските постулати како темели на македонската држава и македонскиот народ. Поради неспособното и криминално владеење на раководството, СДСМ го доживеа најголемиот пораз од своето постоење, а денеска сме сведоци дека продолжува со истиот пристап и истите луѓе кои ги водат кон нов изборен дебакл на следните локални избори. На Македонија ѝ е потребна здрава, способна и чесна опозиција која ќе биде коректор на власта. Вратите на движењето ЗНАМ – За наша Македонија се отворени за сите чесни луѓе кои ја сакаат Македонија и сакаат да дадат свој придонес за успешен развој на државата“,
рече Мемов на денешната прес-конференција.
Мемов рече дека ЗНАМ со своето учество во Владата ќе биде гарантот дека никогаш повеќе работите нема да бидат исти во Македонија.
На прес-конференцијата Мемов се осврна на изборите за партиски лидер во СДСМ и нагласи дека членовите на СДСМ избрале старо-нов претседател. Тој рече дека директорот на фондацијата „Заев“ и негов близок бизнис партнер е продолжена рака на кланот Заеви и всушност претседател на СДСМ е повторно Зоран Заев.
„Од вкупно 80 000 члена на СДСМ, за гласање се регистрирале околу 23 000, а на гласање излегле околу 12 000 члена. Со 9 000 гласа за претседател е избран Венко Филипче. Само за потсетување, претходниот устоличен претседател Ковачевски беше избран со околу 40 000 гласа. Самата постапка на регистрација, каде што системот за евиденција ненадејно крахира на неколку часа и одзивот на внатрепартиските избори на СДСМ говори за тоа во каква состојба се наоѓа СДСМ. Тоа е состојба на очај, раздор, подметнување, хипокризија, лицемерство и безидејност“,
рече Мемов.
Портпаролот на ЗНАМ, Мемов, рече дека му го честитаат изборот на Филипче, иако исходот на внатрепартиските избори во СДСМ го оценуваат како недемократски и нелегитимен.
Мемов, цитирајќи ги изјавите на противкандидатите на Филипче дадени по партиските избори, рече дека СДСМ ниту оддалеку не ја примиле пораката од народот на последните избори и продолжува да биде партија која, како што рече Мемов, е узурпирана од една коруптивна група луѓе кои ја држат партијата во заложништво исклучиво заради сопствената заштита од индициите за сторениот криминал во седум годишното владеење.