Крајниот извештај за тоа дали имало лекарска грешка се очекува до крајот на овој месец, во зависност од достапноста на ангажираните експерти

Формирана е комисија за стручен надзор која треба да ги утврди сите околности во врска со случајот со родилката од Штип, која остана парализирана по вториот царски рез. Во надзорот ќе бидат вклучени и двајца странски стручњаци, информира денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, министерот истакна дека одлуката за ангажирање експерти од странство е донесена со цел подигање на нивото на третман и градење доверба во институциите.
„Јас ја формирав комисијата за стручен надзор. Можам да кажам, заради подигање на нивото на третман на работата и градење доверба во институциите, поканив двајца странски стручњаци да се вклучат во редовната работа. Ним им се испратени сите наоди од Државниот санитарен и здравствен инспекторат“,
рече Клековски.
Според министерот, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) досега не нашол пропусти во медицинската документација, но дополнително се побарани појаснувања за две своеволни напуштања на болницата од страна на пациентката. Документацијата за овие случаи е веќе комплетирана и ставена на увид на стручниот надзор.
Претседател на комисијата е гинеколог, а во нејзиниот состав влегуваат и анестезиолог од Белград, невролог од Љубљана, неврохирург од болницата „Свети Еразмо“ во Охрид и радиолог од Скопје.
Клековски појасни дека предвиден е онлајн состанок на кој експертите ќе треба да кажат дали им се потребни дополнителни документи, по што ќе следува и друга средба, по можност и со присуство на пациентката, каде што ќе се донесе конечниот заклучок.
Крајниот извештај за тоа дали имало лекарска грешка се очекува до крајот на овој месец, во зависност од достапноста на ангажираните експерти.
Случајот ја потресе јавноста откако 19-годишна девојка од Струмица по породувањето со царски рез во струмичката болница и аплицирана спинална анестезија, наместо да закрепне, целосно ја изгубила подвижноста во нозете и развила параплегија.
Нејзиното семејство јавно обвини за лекарска грешка и несоодветен третман додека младата мајка итно била префрлана прво во Клиничката болница во Штип, а потоа на Клиниката за неврологија во Скопје на дополнителни истражувања, додека паралелно раководството на штипската болница веќе најави формирање сопствена стручна комисија за евалуација на случајот со тврдење дека при прегледите кај нив не биле воочени хируршки пропусти во нивниот домен на лекување.
Од Министерството за здравство тогаш рекоа дека се завршени вонредните инспекциски надзори во три клиники каде што се лекувала пациентката. Станува збор за Општата болница во Струмица, Клиничката болница во Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, кои биле под лупа на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
Од Здравство информираа дека инспекторите извршиле увид во здравствената евиденција и медицинската документација, а биле земени и изјави од здравствените работници вклучени во третманот.
