На Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип починале двајца пациенти со ковид-19, јави дописничката на МИА од Штип.
Станува збор за пациенти на возраст од 75 и 80 години. Двајцата имале и други здравствени проблеми.
75-годишникот, според изјавата на директорот на болницата Ален Ѓеорѓијев, бил хоспитализиран вчера, а починал само неколку часа по приемот. Посмртно земениот брис покажал дека пациентот е позитивен на ковид-19. Другиот пациент, пак, бил во болница од 5 јули и имал кислородна поддршка.
Се очекува во наредните неколку часа Министерството за здравство да ги објави и податоците за состојбата со ковид-19 кои се однесуваат на ниво на цела држава.