Српската Царина вчера во соработка со полицијата на граничниот премин Прешево со Северна Македонија го спречија обидот на двајца патници во памперс пелени да прошверцуваат преку граница златен накит чија вредност се проценува на повеќе од 2,2 милиони динари (18.752 евра), јави дописникот на МИА од Белград.
Како што соопштија од Царинската управа, прекршокот бил откриен кога на влезот на овој премин во Србија бил издвоен на детален преглед автомобил „фолксваген пасат“ со швајцарски регистарски ознаки, во кој од правец на Македонија кон Швајцарија се движеле млад брачен пар.
„Иако рекоа дека немаат што да пријават, царинскиот службеник при преглед на автомобилот, пред совозачкото седиште пронашол торба во која меѓу другото имало и неотворено пакување памперс пелени. Неговата необична тежина го подигнала сомнежот дека нешто се крие во него, што набрзо се испостави дека е вистина, бидејќи во неколку пелени се пронајдени речиси половина килограм златни ланчиња и алки со дукати „Франц Јозеф“, како и синџири и прстени”,
велат од Царина.
Бидејќи вредноста на откриениот накит надминува една третина од вредноста на возилото, со судската одлука, покрај златото, трајно е одземено и возилото проценето на над милион динари.
Инаку пред два дена на граничниот премин Табановце, македонската царина во автобус со македонски регистарски таблички кој се движел на редовна линија од Пореч, Хрватска до Гостивар, при преглед со мобилен скенер заплени непријавен златен накит и златни плочки во тежина од 13,3 килограми.