Основното јавно обвинителство Кочани донело наредба за спроведување истражна постапка против двајцата осомничени на кои судот им одредил мерка притвор од 30 дена
Две лица од Кочани се осомничени дека по меѓусебна расправија го убиле својот сосед во неговиот дом во градот, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство на РСМ.

Според информациите од МВР, случајот во кочанската полиција вчера утрото го пријавил едниот од осомничените, Ѓ. Б. (32), кој рекол дека го пронашол мртов својот 54-годишен сосед Д. А. во неговиот дом.
Сепак, по преземените мерки од полицијата, другиот осомничен Љ. С. (48) во службен разговор признал дека со Ѓ. Б. претходната вечер биле во домот на својот сосед, каде што консумирале алкохол. Во еден момент настанала расправија, по што двајцата почнале да го удираат соседот со тврди предмети.
„На 06.09.2024 во 7:43 часот Ѓ. Б. пријавил во ОВР Кочани дека во дом во Кочани го пронашол мртов неговиот сосед Д. А. (54) од Кочани. Од страна на екипа од Итна медицинска помош била констатирана смрт со видливи траги на насилство, а од страна на ОВР Кочани во координација со јавен обвинител од ОЈО Кочани веднаш се преземени мерки и активности за расчистување на случајот. При тоа, во службен разговор Љ. С. признал дека Ѓ. Б. и Љ. С. претходната вечер биле во домот на нивниот сосед Д. А. и консумирале алкохол, по што настанала расправија и го удирале Д. А. со тврди предмети. Ѓ. Б. и Љ. С. се лишени од слобода и со кривична пријава предадени на ОЈО Кочани за понатамошно постапување“,
се вели во соопштението на МВР.
Јавното обвинителство на РСМ попладнево соопшти дека Основното јавно обвинителство Кочани донело наредба за спроведување истражна постапка против двете лица, кои се товарат дека како соизвршители извршиле кривично дело убиство според член 123 став 1 од Кривичниот законик.
По наредба на јавен обвинител на телото на починатиот е извршена обдукција, а од местото на настанот се прибрани траги и материјални докази кои се дадени на вештачење.
Дополнително, на предлог на јавниот обвинител, судот во Кочани на двајцата осомничени им одредил мерка притвор од 30 дена.
