Моноклонална „коктел терапија“ со антитела се дава кај пациенти кои имаат повеќе коморбидитети и хронични болести, во претходна консултација со специјалистите и супспецијалистите кои ги третирале пациентите од почеток на појавата на инфекцијата со ковид-19, појаснуваат од Министерството за здравство
Дваесет пациенти со повеќе коморбидитети и хронични болести заболени од ковид-19 на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби примиле моноклонална „коктел терапија“ со антитела, велат од Министерството за здравство за МИА.
„Моноклонална ‘коктел терапија’ со антитела се дава кај пациенти кои имаат повеќе коморбидитети и хронични болести, во претходна консултација со специјалистите и супспецијалистите кои ги третирале пациентите од почеток на појавата на инфекцијата со ковид-19. Вкупно се набавени се 1 200 дози од лекот, а досега се искористени околу 20-тина дози“,
велат од Министерството.
Станува збор за најсовремен метод на терапија за пациенти заболени од ковид-19. Терапијата е коктел од две моноклонални антитела и се дизајнирани специјално за да ја блокираат инфективноста од SARS-CoV-2 вирусот што го предизвикува заболувањето со ковид-19.