Министерството за здравство информира дека денеска во попладневните часови, на коронавирус се тестирани двајца нови пациенти и нивните резултати се позитивни на вирусот.
„Според информацијата која ја имаме во моментов, станува збор за сопружници од Дебар, кои пред неколку дена се вратиле од Италија“,
се наведува во соопштението од Министерството за здравство.
Од Министерството додаваат дека ги собираат деталите за пациентите.
До вчера единствен случај на заразен со коронавирус беше пациентката од Скопје, која еден месец престојувала во Италија. Како што информираше вчера Министерството за здравство, пациентката повторно била тестирана на коронавирус и тестот бил негативен.
„Направен е контролен тест на пациентката од коронавирус и нејзината ќерка, со која таа е во контакт и двете се во изолација на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Тестот на пациентката е негативен на коронавирус, што значи дека опаѓа нејзината инфективност, но согласно процедурата, тој ќе биде повторен по 48 часа. На корона е негативна и нејзината ќерка“,
информира Министерството.
На барање на Министерството за здравство, во соработка со мобилните оператори, сите патници од странство, при влез во нашата држава, ќе добиваат СМС порака со препорака да се јават на телефонскиот број на Институтот за јавно здравје доколку имаат симптоми на вирусот, независно на кој од четирите оператори ќе се поврзат.
Бројот на заразени со новиот коронавирус во светот денеска надмина цифраа од 100.000 луѓе. Од епидемијата починаа повеќе од 3.400, а вирусот се прошири во повеќе од 90 држави. Шест денеска пријавија први случаи. Стапката на смртност е 3,4 отсто што е далеку над стапката на смртност од сезонски грип која е под еден отсто.
Светската здравствена организација посочи дека сите земји треба да направат топ-приоритет во борбата за запирање на ширењето на Ковид-19.
Агенцијата на ОН истакна дека борбата против епидемијата бара земјите да работат заедно.