Министерот за здравство, Венко Филипче рече дека случајот се испитува и посочи дека науката се уште нема прецизни објаснувања зошто и со кој интензитет вирусот се враќа
Два месеца откако се излекувала од ковид-19, медицинска сестра вработена во кумановската општа болница повторно покажала позитивен тест на вирусот.
Првиот пат кога го прележала вирусот немала симптоми и по два негативни теста се вратила на работа. Но, неодамна здравствената состојба почнала да и се влошува, па се пријавила на преглед со температура и клиничка слика која укажувала на воспаление на бели дробови. Затоа и бил направен ПСР тест, кој покажал позитивен резултат на коронавирусот.
Нејзина колешка пак, дознала дека е позитивна при рутински тест, кој и бил направен откако се пријавила да донира крвна плазма за лекување на другите заболени лица од ковид-19. Првиот пат се лекувала во домашни услови, па со два негативни теста и таа се вратила на работа.
Директорката на болницата, д-р Снежана Захариева, за „360 степени“ вели дека медицинските сестри сега се изолирани по истите протоколи и мерки за спречување на ширење на вирусот, како и првиот пат кога се инфицирале.
„Медицинската сестра која сакаше да донира плазма немаше никакви симптоми. Се покажа дека е позитивна при рутинско тестирање, бидејќи сакаше да донира плазма. Кај другата сестра клиничката слика укажуваше на воспаление на белите дробови, па и таа беше тестирана. Првиот пат кога таа се тестираше немаше симптоми, туку и беше земен брис поради патување во странство. И тогаш, пред да се вратат на работа, чекавме два негативни теста. Така ќе биде и сега“,
вели Захариева.
Министерот за здравство, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање, денеска рече дека случајот се испитува.
Тој посочи дека вакви случаи веќе се потврдени во светот, но дека се уште нема прецизни објаснувања зошто и со кој интензитет вирусот се враќа.
„ На што се должи тоа, сега во овој момент науката сѐ уште не одговорила со сигурност. Има некои иницијални докази дека станува збор за некаква форма на мутација на вирусот. Каква е таа форма, дали е силно или послабо изразена, сѐ уште нема докази. Но дефинитивно има потврда дека има појава на рецивидна болест“,
рече Филипче.