Четворица членови на претходната влада на СДСМ и на ДУИ чекаат апанажа, а барања досега поднеле исто така и четворица поранешни заменик-министри
Тројца членови на претходната влада на СДСМ и на ДУИ, кои не се избрани во новиот кабинет на Зоран Заев, чекаат апанажа откако заминаа од функциите.
Од министрите со ресор, апанажа побарал само Садула Дураки од ДУИ, кој во втората половина од функционирањето на претходната влада беше вицепремиер и министер во новото Министерство за политички систем, а претходно беше министер за животна средина.
Апанажа од Собранието, кое ја избира Владата, побарале и двајца ексминистри без ресор: Едмонд Адеми од СДСМ, кој беше задолжен за дијаспората и Елвин Хаса од Партијата за движење на Турците, чија област беше привлекување на странски инвестиции.

Рокот од 30 дена за доставување барање за апанажа истече за поранешните министри, на кои им престана мандатот на 30 август, кога беше избрана новата влада, овој пат без министри без ресор во своите редови и со неколку нови имиња и промена на ресори меѓу коалициските партнери, што доведе до кадровско освежување во извршната власт.
Од седум министри без ресор, колку што имаше во претходната влада, засега се знае дека на нова функција е именуван Роберт Поповски, кој беше задолжен за транспарентност и отчетност.
Рокот за доставување барања за апанажи сѐ уште трае за поранешните заменик-министри, со оглед на тоа што вториот ешалон на власта беше избран на 23 септември.
Досега, исто така, четворица доскорешни заменици во 16 владини ресори поднеле барања за апанажа. Меѓу нив е и Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во периодот јануари-август 2020 година беше дополнителен заменик во Министерството за земјоделство во техничката влада.
Ѓонул Бајрактар од Демократската партија на Турците, кој го презема раководењето со Министерството за транспорт и врски во техничката влада, по разрешувањето на Рашела Мизрахи, исто така е меѓу поранешните заменик-министри што побарале апанажа, покрај Садик Беќири и Благе Цветковиќ, доскорешни заменици во транспорт и врски и во земјоделство.
Барање за апанажа поднел и Меџит Јусуфи, поранеше член на Советот на јавни обвинители, избран преку собраниската Комисија за избори и именувања.

Покрај осумтемина членови на претходниот владин кабинет, на апанажа ќе одат и четириесетина пратеници од претходниот состав кои не добија нов мандат, додека четворица експратеници заминуваат во пензија.
Премиерот Зоран Заев, на почетокот на новиот мандат, најави дека дека голем дел од поранешниот пратенички состав и ексфункционерите во неговата претходна влада ќе добијат понуди од него за ангажирање во државните институции. Со оглед дека тие имаат искуство и експертиза. На тој начин, според него, ќе може да продолжат да работат за државата, но и голем дел од нив нема да земаат апанажа.