Од опозициската Демократска унија за интеграција реагираат во врска со изјавата на лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, со која го искритикува собранискиот спикер Африм Гаши за отсуството од прославата за Илинден
На Албанците не им се потребни претставници кои ја наведнуваат главата секогаш кога ќе бидат прекорени од коалициски партнер. Молкот на Влен не е мудрост, туку предавање. Ваква е реакцијата на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) во врска со изјавата на и лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, со која го искритикува собранискиот спикер Африм Гаши за отсуството од прославата за Илинден.

„Токму Димитриевски беше меѓу првите кои на почетокот од мандатот на оваа влада ја наметнаа неприфатливата практика албанските претставници да не го користат албанското национално знаме на официјалните средби. Денес, претставниците на ВЛЕН не се осмелуваат да го постават албанското знаме ниту на својата маса, иако токму ДУИ го легализираше и институционализираше со закон користењето на националното знаме“,
велат од ДУИ оценувајќи дека таква е разликата меѓу тие што се борат за права и тие што ги предаваат.
Сега, додаваат оттаму, наместо Африм Гаши да одговори на укорот од Димитриевски во врска со прославата на Илинден и неговото отсуство од манифестацијата, тој молчи.
„Гаши не најде ниту храброст да го брани Охридскиот мировен договор, туку се обиде да ги оправдува оние што го оспоруваат. Го бранеше и Стоилковиќ и од ден на ден го менуваше образложението за прикривањето на видеснимките, еднаш тврдејќи дека станува збор за лични податоци, другпат дека одговорноста е на Министерството за внатрешни работи. Однесување што сведочи за недостиг на интегритет и политичка храброст“,
велат од партијата на Ахмети, додавајќи дека на Албанците во земјава им се потребни претставници кои ги бранат стекнатите права, а не претставници кои чекаат да бидат дисциплинирани од другите.
Реакцијата на ДУИ следува откако кумановскиот градоначалник и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски, во интервју за Сител пред два дена оцени дека апсолутно не доликува претседателот на Собранието да го замени одбележувањето на Илинден со учество на меѓународна конференција. Без почит за елементарните датуми за создавање на македонската државност, рече Димитриевски, тогаш нема почит ниту за државата.
