Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, утрово се огласи со нови обвинувања до градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и раководителот на секторот за урбанизам во општина Чаир, Ејуп Адеми, велејќи дека според информациите што ги има тие планираат да го дестабилизираат Град Скопје, а прво на удар, вели, ќе биде Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“
Незаконските активности на функционери на ВЛЕН и носители на раководни позиции во Владата и на локално ниво, за чиј „урбан криминал“ изминатиот период обвинува скопската градоначалничка Данела Арсовска, според опозициската ДУИ само потврдуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ги создал и одбрал затоа што се подложни на уцени и под контрола преку отворени досиеја во Обвинителството, кое, како што велат од партијата, е под целосна контрола на власта.

„Во Општина Чаир изградбата на над 150 дивоградби, без дозволи, без сеизмички и статички стандарди и без каков било институционален надзор, претставува не само урбан криминал и сериозна закана за граѓаните, туку и политички притисок врз челниците на партиите миленици на (Христијан) Мицкоски, кои сега се претворени во покорни алатки на антиевропската и антиалбанската агенда на Владата“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Оттаму додаваат дека станува збор за смислен проект чија цел, според нив, е да се наруши меѓуетничката еднаквост, да се демонтира Охридскиот договор и да се изведе земјата од европскиот пат.
Според ДУИ, Албанците никогаш нема да ја прифатат оваа фарса од претставување, каде што, како што велат, нивниот глас се заменува со луѓе покорени од страв од кривична одговорност.
Инаку, утрово градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, се огласи со нови обвинувања до градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и раководителот на секторот за урбанизам во општина Чаир, Ејуп Адеми.
Арсовска тврди дека, според информациите што ги добила утрово, Ганиу, Меџити и Адеми планираат да го дестабилизираат Град Скопје, а прво на удар, како што вели, ќе биде Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.
„Им се дестабилизира милионскиот бизнис. Им се дестабилизираа Ганиу, Меџити и Адеми. Утрово ми јавија дека сковале план сега да го дестабилизираат Скопје. Ќе почнат со ЈСП, па со Комунална хигиена и ќе креираат хаос за да дефокусираат и да владеат. Ете што ќе се случува од денес. Бизнис коалицијата со Ганиу, Меџити и Адеми, не смее да трпи“,
вели Арсовска во објавата на својот фејсбук-профил.
Во прилог на објавата, Арсовска додава и фотографија од вицепремиерот Меџити заедно со премиерот Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана, Владо Мисајловски и амбасадорката на САД во земјава, Анџела Ангелер. Фотографијата е од вежбата на НАТО на Криволак, а на неа ликот на Меџити е заокружен.
„На сликава од вчера ѕирка дестабилизираниот елемент“,
пишува Арсовска во врска за фотографијата.
Нетрпеливоста меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и чаирскиот градоначалник Висар Ганиу, кој е кадар на владејачката ВЛЕН, почна да се развива откако Арсовска пред две недели изврши обиколка на неколку локации низ Чаир каде што се извршуваат градежни активности, за кои обвини дека се дивоградби.
Вчера во Советот на Град Скопје требаше да се одржи расправа за дивоградбите во Чаир и Сарај, но двете одделни седници, закажани на барање на советничките групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, воопшто не се одржаа. Причината беше што мнозинството советници, предводени од ВМРО-ДПМНЕ, не го изгласаа дневниот ред.
По ова, Арсовска излезе на говорницата и ги обвини советниците на ВМРО-ДПМНЕ за, како што рече, „криминали и фалсификати“ на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, што предизвика жестока расправија меѓу неа и советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои побараа од советникот Никола Пановски кој претседаваше со седницата, да ѝ го одземе зборот.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно вчера, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека она што во јавноста се прикажува изминатите денови од скопската градоначалничка Данела Арсовска е „исклучиво само циркус и парада пред локални избори“.
Тошковски вели дека работата на градоначалниците е да постапуваат по одредбите од Законот за градење во делот на нивната надлежност и да вршат контрола како и што се гради. Од друга страна, работата на МВР е да постапува согласно наредби од суд или Јавното обвинителство, со цел да се обезбеди неселективен пристап во спроведувањето на законот.
Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје вчера соопштија дека е поведена истражна постапка против управител на фирма за бесправна изградба на шесткатница на улицата „Ќемал Сејфула“ во Општина Чаир.
Од Обвинителството информираат дека постапката е отпочната по претходна кривична пријава од група граѓани.