Од ДУИ сметаат дека пред да зборува за обединување, Влен треба да им даде одговор на граѓаните зошто по две години на власт го прифати демонтирањето на механизмите што гарантираа правична и соодветна застапеност на Албанците и на другите заедници

Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја обвинува партијата Влен за дефокусирање на јавноста со партиски собири во Тетово, само еден ден откако во Собранието во прво читање беше изгласан новиот закон за правична и соодветна застапеност.
Според ДУИ, новиот законски текст се носи без етнички квоти, без соодветни заштитни механизми и без санкции, што според нив претставува директно укинување на етничкото застапување. Од партијата сметаат дека ВЛЕН се обидува да го покрие овој политички неуспех со повторување на нарацијата за обединување на нивното основачко собрание.
„По две години во Владата, единствениот политички биланс на Влен е систематското демонтирање на стекнатите права на Албанците. Од слабеењето на механизмите за застапеност, преку релативизирањето на употребата на албанскиот јазик, па сè до молкот пред одлуките што ја нарушуваат еднаквоста, оваа политичка гарнитура покажа дека нема ниту визија ниту капацитет да ги заштити националните интереси“,
стои во партиското соопштение на ДУИ.
Од опозициската партија ја иронизираат гордоста на ВЛЕН за собраните 1 300 потписи на соборот, нагласувајќи дека тоа е премногу низок стандард за успех на партија која две години управува со министерства, институции и државни ресурси.
„Партија со двајца полупретседатели, со повеќе центри на одлучување и со постојани внатрешни конфликти, не успева да излезе од сопствената политичка школка, а камоли да тврди дека може да ги обедини Албанците“,
додаваат од ДУИ.
Од ДУИ сметаат дека пред да зборува за обединување, Влен треба да им даде одговор на граѓаните зошто по две години на власт го прифати демонтирањето на механизмите што гарантираа правична и соодветна застапеност на Албанците и на другите заедници.
ДУИ јавно прашува каде се ветените резултати за еднаквост, застапеност и достоинство.
„Албанците денес немаат потреба од истрошени слогани и партиски спектакли. Тие бараат достоинство, реална застапеност, заштита на нивните права и политика што носи конкретни резултати“,
додаваат од ДУИ.
