Европската иднина на граѓаните е пред сè, вели Османи
Демократската унија за интеграции (ДУИ) се согласува да не биде во владата што ќе се формира откако претходно ќе се изгласаат и ќе стапат во сила уставните измени.
„ДУИ е подготвена да поддржи влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и тие стапат во сила пред формирањето на таа влада. Европската иднина на граѓаните е пред сè“,
објави портпаролот на партијата Бујар Османи на Фејсбук.
Ваквиот став Османи го изнесе откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по денешната средба со премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, изрази подготвеност неговата партија да влезе во влада, но во неа да не биде ДУИ.
Ова Мицкоски го понудил како одговор на понудата на Ковачевски да почне процесот на уставните измени, а СДСМ да ѝ отстапи пет од своите десет министерски места на ВМРО-ДПМНЕ.
„На оваа понуда, која претставува позиција на Димитар Ковачевски, од моја страна беше даден следниот одговор – во ред, ја разбирам понудата и за неа го имам следниот став, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ и со другите политички партии, но без учество во владата на ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да учествува во неа со тоа што избори подготвува техничка влада, а не оваа влада, 100 дена пред одржувањето на тие избори. А, евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките ЕУ од парламентите на 27-те земји членки“,
рече Мицкоски.