Ставот на опозициската партија е во врска со тврдењата на вицепремиерот Изет Меџити дека Груби не е веќе во Косово, туку е во Албанија
Владиниот функционер не сакаше да ги потврди ваквите наводи за медиумите во земјава. Прашан во саботата (21 декември) дали има информации каде се наоѓа поранешниот вицепремиер, Меџити изјави дека не е работа на политичарите да даваат информации и оти треба да се остави на Министерството за внатрешни работи (МВР) и на судот да си ја вршат својата работа
Нема да коментираме за Груби, тој веќе не е дел од партијата. Ова го изјавиле од Демократската унија за интеграција (ДУИ) за ТВ 24 на барањето коментар во врска со тврдењата на првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити дека неговиот претходник на оваа функција (прв вицепремиер), Артан Груби, кој е во бегство, не е веќе во Косово, туку е во Албанија.

Груби по ставањето на американската „црна листа“ објави дека се повлекува од јавниот живот, велејќи дека е „чист како солза“ и дека таква одлука донел за мир на неговото семејство и зачувување на личниот интегритет.
Набргу по одлуката на американскиот Стејт департмент тој избега од државата откако домашните институции ги засилија активностите што резултираше со отворање на истрагата за случајот „Лотарија“.
Груби државата ја напушти преку граничниот премин „Долно Блаце“ на македонско- косовската граница.
Меџити, кој доаѓа од коалицијата „Вреди“, политичкиот ривал на коалицијата „Европски фронт“, на која припаѓаше Артан Груби, во гостување на албанската телевизија Ора њуз изјавил дека тој веќе не е во Косово, туку е во Албанија.
Владиниот функционер не сакаше да ги потврди ваквите наводи за медиумите во земјава. Прашан во саботата (21 декември) дали има информации каде се наоѓа поранешниот вицепремиер, Меџити изјави дека не е работа на политичарите да даваат информации и оти треба да се остави на Министерството за внатрешни работи (МВР) и на судот треба да си ја вршат својата работа.
Работата на политичарите, како што кажа тој, е да дадат порака дека борбата против корупцијата е бескомпромисна и дека никој не е над законот.
„Секој кој се огрешил треба да одговара, а ќе оставиме на МВР и на судството да си ја вршат својата работа. Тоа не е наша работа, работа на политичарите е да дадат порака дека борбата против корупцијата е бескомпромисна и дека никој не е над законот“,
изјави Меџити пред почеток на настанот во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, пренесе МИА.

Артан Груби и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над 8 милиони евра. Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата.
Кривичниот суд им одреди 30-дневен притвор, кој ќе почне да се спроведува по нивното обезбедување во земјата бидејќи во моментов не се достапни за органите на прогонот.
За Груби и Бајрами се објавени меѓународни потерници.
МВР во петокот поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и против полицискиот службеник со иницијали Б. Ј., кој всушност го дозволил излезот на поранешниот вицепремиер Артан Груби на граничниот премин „Блаце“ кон Косово.
Според пријавата, полицискиот службеник Б. Ј. не извршил адекватни проверки за „мерцедесот“ при премин на државната граница, не го евидентирал за остварување излез и патниците од возилото ги завел дека пеш ја поминале границата.
Исто така, при граничната проверка не почекал системот да утврди дали за лицата има активна мерка, туку веднаш им ги дал патните исправи, по што тие го напуштиле граничниот премин.
Истрагата против Груби се интензивираше откако тој беше ставен на т.н. „црна листа“ на САД, заедно со судијата Енвер Беџети, поради нивна вмешаност во значителна корупција, конкретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректорот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.