Од партијата додаваат дека изјавата на првиот вицепремиер е потврда оти на Ковачевски сите, па дури и неговите владини партнери, гледаат како на привремен, нелегитимен премиер кој е без авторитет во јавноста и меѓу министрите
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби синоќа во интервју за косовска телевизија изјави дека земјава ќе го има првиот премиер Албанец, а за тоа, како што кажа, согласност дал и актуелниот премиер Димитар Ковачевски
Изјавата на првиот вицепремиер Артан Груби, во која тој вели дека земјава наскоро ќе го добие првиот премиер Албанец, а оти со тоа е согласен и премиерот Димитар Ковачевски, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, е потврда дека ДУИ му ги одбројува месеците на премиерот на оваа функција.
Од партијата додаваат дека изјавата на Груби е и потврда оти на Ковачевски сите, па дури и неговите владини партнери, гледаат како на привремен, нелегитимен премиер кој е без авторитет во јавноста и меѓу министрите.
„Ова е потврда и дека Ковачевски ја доби фотелјата на подарок, а сега ја чува за Артан Груби. Дали Груби ќе биде премиер не знаеме, но знаеме дека Груби ги исполнува двата услови за наследник на Ковачевски. Првиот е да е еклатантно неспособен, а вториот – да е доволно криминален, за да биде достоен наследник на Ковачевски“,
кажа портпаролот на опозициската партија Наум Стоилковски на денешната прес-конференција.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби синоќа во интервју за косовската телевизија „Дукаѓини“ изјави дека земјава ќе го има првиот премиер Албанец.
Тоа, како што рече, е договорено од експремиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а согласност дал и актуелниот претседател на Владата и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.
На прашањето дали тој ќе биде првиот премиер Албанец, Груби рече дека нема таква амбиција.
Изјавите на Груби доаѓаат еден ден откако и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој како координатор на огранокот на ДУИ во Чаир на партиски собир најави дека за неколку месеци Албанец ќе биде премиер, што беше протолкувано дека и ДУИ е за предвремени избори имајќи предвид дека редовниот термин за парламентарни избори е идната година.