Според ДУИ, неточно е да се тврди дека постои континуирана одговорност без прекин низ годините бидејќи, како што посочуваат интегративците, секоја лиценца за вакви објекти се обновува на годишно ниво, земајќи ги предвид специфичните услови за таа година
Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагира на одлуката на Јавното обвинителство за 30-дневен притвор на поранешниот министер Крешник Бектеши и други претставници на претходната влада и посочувајќи дека концептот на „верижни пропусти“ што довеле до трагедијата не постои во терминологијата на кривичниот законик.
Според ДУИ, неточно е да се тврди дека постои континуирана одговорност без прекин низ годините бидејќи, како што посочуваат интегративците, секоја лиценца за вакви објекти се обновува на годишно ниво, земајќи ги предвид специфичните услови за таа година.
„Во ноќта на трагедијата, клубот работел без никаква лиценца: веќе една година немал легитимна лиценца, а дури и фалсификуваната веќе била истечена. Ова подразбира дека главната одговорност лежи кај оние кои требало да го спречат функционирањето на ноќен клуб без лиценца таа кобна ноќ. Потребна е длабинска и непристрасна истрага за да се утврди како објект без лиценца можел да работи и да ги загрози животите на стотици млади луѓе“,
велат од ДУИ.
Оттаму истакнуваат дека издадените лиценци во минатото биле за кабаре, кое има специфични критериуми и ограничувања во бројот на дозволени лица.
„Ноќен клуб е сосема поинаква категорија и присуството на над 650 млади луѓе во таков простор е надвор од секој безбедносен стандард, што, пак, јасно упатува на свесна или несвесна негрижа изминатава година, од страна на бројни актуелни државни органи. ДУИ ја изразува својата загриженост за неприфатливата супремација на владата врз обвинителството, што ја наруши довербата во истражниот процес. Фактот дека од 35-те приведени лица, само еден или двајца се актуелни функционери, отвора сомнежи за селективна правда. Бараме правните процеси да бидат праведни, транспарентни и засновани на закон, без влијание од терминологија која не постои правната терминологија и кривичниот законик“,
реагираат од ДУИ.
Интегративците оценуваат дека процесот е „неоснован, политички мотивиран и селективен, што може дополнително да ја комплицира и влоши ситуацијата“.