Губењето на 60,77 милиони евра грант од Европската Унија, неповратни средства наменети за изградба на третата делница од железничкиот Коридор 8 кон Бугарија не се само пари, туку изгубена историска можност за економски развој на државата, за модернизација на инфраструктурата и за зајакнување на нашето поврзување со Европа, велат од ДУИ
Повикувајќи се на документи кои, како што велат од ДУИ, самата Влада ги доставила до Собранието, овие ИПА-средства веќе не се достапни бидејќи тендерот објавен во 2024 година е поништен, а договорот за изградба на третата делница од железницата не е склучен во определениот рок, велат од ДУИ. Според ДУИ, губењето на 60,77 милиони евра грант од Европската Унија, неповратни средства наменети за изградба на третата делница од железничкиот Коридор 8 кон Бугарија не се само пари, туку изгубена историска можност за економски развој на државата, за модернизација на инфраструктурата и за зајакнување на нашето поврзување со Европа.
„Значи, губењето на 60,77 милиони евра не е политичко тврдење. Тоа е последица документирана во официјалните акти на институциите. Граѓаните треба да знаат дека на крајот на 2023 година, кога ДУИ беше дел од власта, беше обезбеден најголемиот финансиски пакет за овој проект, во вредност од околу 560 милиони евра: 175 милиони евра кредит од Европската инвестициска банка; 175 милиони евра кредит од ЕБОР; 149 милиони евра грант од WBIF; 60,77 милиони евра ИПА-грант од Европската Унија. Ова беше резултат на довербата на европските партнери и на работата за поставување на Коридорот 8 како стратешки приоритет на државата“,
велат од ДУИ.
Од ДУИ посочуваат и дека тие навремено предупредиле дека Владата нема да го третира Коридорот 8 како приоритет.
„Кажавме дека одложувањето на проектот и промената на приоритетите ќе донесат последици. Денес, за жал, граѓаните се соочуваат со резултатот – губење на европски средства. Коридорот 8 не е само инфраструктурен проект. Тој е паневропски коридор, дел од стратешката транспортна мрежа на Европската Унија и има особено значење за НАТО. Го поврзува Јадранското со Црното Море, ја зајакнува регионалната безбедност и создава нови економски можности за нашата држава“,
порачуваат од ДУИ.
Од ДУИ обвинуваат и дека постапките на Владата создаваат сериозни сомнежи за нејзиниот однос кон стратегиските евроатлантски проекти.
„Одложувањето на Коридорот 8 и губењето на европските средства создаваат впечаток дека проектите од значење за НАТО и Европската Унија се ставаат во втор план. Денес бараме јасни одговори: Кој ќе понесе одговорност за губењето на 60,77 милиони евра? Зошто не беа исполнети роковите за реализација на проектот? Дали сега граѓаните ќе треба од државниот буџет да го покриваат она што Европската Унија беше подготвена да го финансира како грант?“
додаваат од ДУИ.
Од ДУИ велат дека ќе продолжат да ја бранат евроатлантската ориентација на државата и реализацијата на Коридорот 8 бидејќи проект не е сопственост на ниту една политичка партија, туку стратегиски интерес на државата и на граѓаните.
