Од опозициската партија обвинуваат дека молкот на институциите го претвора исклучувањето на албанскиот јазик во институционална практика и бараат одговорност за поттикнување етничка нетрпеливост
Демократската унија за интеграции (ДУИ) ги обвини градските власти од Град Скопје поради, како што велат, двојно прекршување на законската обврска за употребата на албанскиот јазик во официјалната комуникација во рок од само еден ден.

Оттаму велат дека Скопје е двојазичен град и оти сите институции имаат законска обврска да го користат албанскиот јазик, а градската администрација пред очите на целата јавност го игнорира законот со поставување на информативната табла на влезот на градот само на македонски и англиски јазик, покажувајќи непочит кон мултиетничкиот карактер на главниот град и покрај многубројните реакции на граѓаните.
„Во ваква ситуација, прашањето е директно: каде е Инспекторатот за употреба на јазиците? Оваа институција е формирана токму за да ги утврдува прекршувањата, да наложува нивно отстранување и да изрекува мерки против институциите што не го спроведуваат законот. Во нејзиното создавање се вложени години работа, кадар, обуки и институционални капацитети“,
велат од ДУИ.
Од опозициската партија побараа оставка на директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците, кој е кадар од политичката партија Влен, а од владејачката партија побараа и политичка одговорност бидејќи, како што велат, ја заробиле и блокирале оваа институција. Дополнително, се бара правна одговорност за сите оние кои го прекршиле Законот за употреба на јазиците со што се поттикнува етничка нетрпеливост и омраза, велејќи оти Инспекторатот мора да постапува, а законот треба да се почитува во целост.
