Надоместоците што ги земале јавните обвинители вработени во СЈО и сите нивни соработници ќе бидат предмет на ревизија од страна на Државниот завод за ревизија, најави денеска главниот државен ревизор, Максим Ацевски.
На ревизијата ќе работи тим од тројца ревизори од 1 февруари. За таа цел се направени неколку состаноци со Јавното обвинителство.
„Почнуваме со работа од 1 февруари. Направивме неколку координативни состаноци со претставници на Јавното обвинителство за преземање на целокупната документација. Се работи за документација што има одредена ознака на ‘класифицирани информации’ и мора да се создадат услови за нивно соодветно чување во нашите простории. Утврден е ревизорскиот тим и ставен е во годишната програма за работа и по завршување на ревизијата ќе бидете соодветно известени“,
рече Ацевски.
За тоа што ќе биде фокусот на проверка, Ацевски беше дециден дека ќе се проверуваат само надоместоците.
„Барањето на Јавното обвинителство е конкретно – бараше да се изврши ревизија на сите надоместоци кои се исплатени на вработените во СЈО и на нивните соработници. Почитувајќи го нивното барање ние постапивме и затоа тоа ќе биде дел на ревизија“,
објасни Ацевски.
„Отворени финансии“ ја отворија темата
Темата за бонусите што се делеле во СЈО се отвори лани во ноември откако преку базата „Отворени финансии“ јавноста дозна дека обвинителите во СЈО земале бонуси за доверливост за слушнатото во т.н. „бомби“ од прислушуваните разговори. Најмногу пари, според алатката, за изминатите четири години легнале на сметка на обвинителката Катица Јанева (157.000 евра). Останатите суми во топ 6 се движат меѓу 70.000 и 107.000 евра што е неколкукратно повеќе од основната плата на обвинителите.
Од Антикорупциска тогаш најавија отворање на анкетните листови на сите обвинители и вршење увид во пријавените промени на нивната имотна состојба.
Во анкетните листови за имотната состојба постои и графа за други приходи, во која според ДКСК се наведува доколку некој функционер зема хонорари надвор од платата – на пример, кирија од изнајмување стан или деловен простор и слично. На овој начин и обвинителите од СЈО требале да пријавуваат надоместоци надвор од платата.
Случајот се најде на тапет и во Државното обвинителство. Љубомир Јовески на крајот на ноември лани изјави дека првичните согледувања укажуваат дека по иста основа двапати се земало плата, со што се доаѓа до апсурдни случаи каде што, на пример, еден секретар има поголема плата од претседателот на државата.
Тој тогаш не сакаше да прејудицира и најави дека случајот ќе биде истражен дали има кривично дело. Сепак, рече дека тајноста на податоците за висината на бонусите се клучниот елемент кој фрла сомнеж на начинот на кој се исплаќале додатоци за доверливост. Тој тогаш објасни дека додатокот не смеел да биде повисок од 35 отсто од платата која ја земале обвинителите.