На Самитот на НАТО беше спомената и потребата да се почитува Договорот од Преспа, изјави Герапетритис за грчкиот весник „То Вима“

Mинистерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис во изјава за денешното издание на весникот „То Вима“ по повод завршувањето на Самитот на НАТО, вели дека „државниот врв на Северна Македонија систематски го прекршува Договорот од Преспа“. Тој додава дека на Самитот била спомената и потребата да се почитува Договорот.
Според шефот на грчката дипломатија, Грција е столб на стабилноста во поширокиот регион на источниот Медитеран, имајќи го значително надградено својот дипломатски капитал благодарение на принципиелната надворешна политика што ја спроведува.
„Грчката страна го истакна прашањето за посветеноста на сите членки на НАТО кон меѓународното право и меѓународните договори што ја претставуваат основата на глобалната безбедносна архитектура. Посебно осврнување имаше на должното верно почитување на Договорот од Преспа, чиешто јадро систематски го прекршува новото политичко и државно раководство на Северна Македонија“,
вели Герапетритис.
Вчера, премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МРТВ1, одговарајќи на прашањето зошто не дојде до средба со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис на Самитот на НАТО во Вашингтон, рече дека добрососедските односи мора да бидат двонасочна улица.
„Жалам што од еден ваков Самит, од кој требаше да се испрата пораки на обединување, имаме политичари кои се уште мислат на поделби. Мојата порака ќе биде, каква што е впрочем во целиот овој период, приципиелна, без двојни стандарди, а тоа е дека ние сакаме да градиме добрососедски односи, апсолутно, но тоа мора да се темели на двонасочна улица“,
рече Мицкоски.