За Јовески се уште не е завршена дебатата во собраниската Комисија за избори и именувања и тој не е формално утврден како кандидат за уставен судија за кој пратениците би се изјасниле на пленарна седница. Опозициските пратеници во Комисијата ја развлекуваат дебатата за него поради што неодамна беа избрани само двајца од очекуваните тројца уставни судии – правничката Татјана Васиќ-Бозаџиева и судијата Фатмир Скендер
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески треба да се повлече од трката за уставен судија, смета адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска. Таа во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, во која се дебатираше за изборот на Ислам Абази за шеф на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, рече дека има околности поради кои јавноста може да се сомнева дека Јовески е подложен на влијанија.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески подолго време е предложен за судија во Уставен суд, функција за која одлучува Собранието, а во исто време во полн капацитет ја извршува својата актуелна функција на државен обвинител. Тој е и член на Советот на јавни обвинители каде со својот глас одлучува кој ќе биде избран или унапреден во јавнообвинителската структура.

На прашањето – дали ова не го става Јовески во зона на конфликт на интерес, адвокатката Јошевска-Анастасовска одговори:
„За него, би рекла дека треба да се повлече од трката за уставен судија особено по се што се случи во Собранието, долгата дебата – десет часа една пратеничка зборуваше за него, како и сите пропратни работи во меѓувреме што се случуваат, мислам дека го прават кандидат што веќе може да се сомневаме дека бил подложен на овој тип на влијание.“
За Јовески се уште не е завршена дебатата во собраниската Комисија за избори и именувања и тој не е формално утврден како кандидат за уставен судија за кој пратениците би се изјасниле на пленарна седница. Опозициските пратеници во Комисијата ја развлекуваат дебатата за него поради што неодамна беа избрани само двајца од очекуваните тројца уставни судии – правничката Татјана Васиќ-Бозаџиева и судијата Фатмир Скендер.
При неодамнешното гласање за шеф на ОЈО за ГОКК, пак, во Републичкото јавно обвинителство, со кое шефува Јовески – Ислам Абази доби 6 гласа, а другите тројца кандидати добија по еден глас.
Новинарот Васко Маглешов посочи дека во републичкото обвинителство има обвинители кои никогаш во животот не напишале обвинение, а некои од нив се поранешни министри на ДУИ.

„Тоа само по себе не укажува дека тие би гласале за Ислам Абази, меѓутоа колкава е веројатноста тоа да не се случи?! Така што, ако од девет обвинители, колку што моментално има во Републичкото, шест гласаа за Абази, вие по хиерархија гледате на чија страна е Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и работата е повеќе од јасна“,
смета Маглешов.
Во дебатата учествуваше и директорот на невладината Коалиција „Сите за правично судење“, Дарко Аврамовски.