Државниот инспекторат за труд по 164 надзори во дејностите каде што изложеноста на топлинската енергија е најголема издаде 30 решенија за забрана за вршење на дејноста, рече денеска министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
„Во изминатите неколку дена Државниот инспекторат за труд беше постојано на терен и има извршено 164 надзори, најчесто во оние дејности каде што изложеноста на топлинската енергија е најголема. Од тие 164 надзори, кај 30 работодавачи е издадено решение за забрана за вршење работа од 11 до 17 часот и 30 решенија се издадени за работодавачи кои не ги почитувале мерките дадени од Владата“.
рече Тренчевска.
Владата на вечерашната седница ја разгледа информацијата од Министерството за здравство за високите температури, со што од Влада информираа дека продолжуваат да важат мерките и препораките за заштита на граѓаните од високите температури. Овие мерки ќе бидат со времетраење од 9 дена, од 17 до 25 јули.