За Небиу раководењето со Агенцијата е голема одговорност и вели дека ќе се заложи секому да му припадне она што го заслужува и она за што работел
Дритон Небиу од Алијанса за Албанците е новиот директор на Агенцијата управување со одземен имот. Тој доаѓа на местото на досегашниот кадар на СДСМ, Фатон Асани. Чест е да се раководи институција преку која на народот му се враќа тоа што му припаѓа, напиша Небиу на Фејсбук.
„Чест е да се предводи една институција како Агенцијата за управување со одземен имот. Колку што е одговорна несомнено толку е и благородна, од самиот факт дека таа претставува алка во системот преку кој на народот, како реален сопственик, му се враќа тоа што и му припаѓа, а некој сакал со истото да се збогати на нивна штета“,
напиша тој.

За Небиу раководењето со Агенцијата е голема одговорност и вели дека ќе се заложи секому да му припадне она што го заслужува и она за што работел.
„Затоа, управувањето со одземениот имот претставува исправање на неправдата која му е нанесена на секој еден граѓанин на Република Северна Македонија со самото враќање на одземеното, украденото или незаконски стекнатото, како и незаконски користеното во полза на граѓаните и за граѓаните. Работата на Агенцијата за управување со одземен имот во голема мера зависи од она што правосудните органи ќе го докажат како незаконски стекнато или користено, додека јас како управител можам да ветам дека таквите добра ќе бидат управувани домаќински и максимално искористени за доброто на граѓаните“,
додава Небиу.