Ако некој од трговците не ги почитува одлуките за цените, од ДПИ нагласуваат дека казните се движат и до 10 000 евра
Од Инспекторатот, исто така, апелираа и граѓаните сами да пријавуваат кај нив доколку забележат неправилности во врска со цените на производите
Почитувајте ги одлуките за замрзнатите цени на тестенините и млечните производи или во спротивно ќе следуваат високи казни, порачуваат од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) до трговците кои цените треба да ги усогласат за неполни шест дена.
„Одлуките се донесени во интерес на граѓаните и нивните потреби и ќе стапат во сила на 16 март 2023 година. Ова е доволен временски период за трговците да ги усогласат цените. Апелираме да се почитуваат одлуките, затоа што во спротивно, без селекција, ќе следуваат казни, кои според Законот за трговија се исклучително високи! Исто така, апелираме, доколку граѓаните забележат какви било неправилности кои се поврзани со цените на производите веднаш да пријават во Државниот пазарен инспекторат“,
велат од ДПИ нагласувајќи дека ќе излезат на терен веднаш кога на 16 март ќе почнат да важат одлуките.
Оттаму напоменуваат и дека ќе ги контролираат исклучиво цените утврдени со одлуките, но немаат надлежност да влијаат на формирањето на цените во трговијата на големо и мало.
Казните доколку некој не ги почитува замрзнатите цени, велат се движат и до 10 000 евра во зависност од големината на трговецот.
„Во случај да се утврди прекршување на одлуките ќе следат казни кои произлегуваат од Законот за трговија! Казните се високи и изнесуваат од 800 до 10 000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор. Затоа апелираме да се почитуваат одлуките, а ние како институција постојано сме на терен, постапуваме во согласност со нашите надлежности“,
велат од ДПИ.
Според одлуката на Владата, утврдено е цената на тестенините да се намали за најмалку 15 отсто, а на млечните производи за најмалку 10 отсто од цените кои ги имале овие производи на 1 март годинава.
„Цените од 1 март се референца на намалувањето кое е минимум и кое треба да се направи. На пример, ако цената на 1 март во малопродажба на одреден производ (млечен производ) била 80 денари, на 16 март треба да биде максимум 72 денари, што е намалување за 10 отсто. Верувам дека има такви компании кои се општествено одговорни и имаат простор да ги намалат своите профити и да одат подолу со намалувањата“,
објасни денеска Бектеши.
И од ДПИ на својата веб-страница ја објавија листата на производи за кои се однесува одлуката.
Под тестенини опфатени со одлуката влегуваат: тестенини неварени, неполнети ниту поинаку приготвени, што не содржат обично пченично брашно или гриз, без додаток на јајца (макарони и шпагети).
Млечни производи опфатени од одлуката се: трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%; урда; кравјо бело сирење и мешано бело сирење; кравји кашкавал (со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан); кисело млеко; павлака и јогурт без додатоци.